Четврта Студентска лингвистичка конференција

Скопје, 11. ноември 2014 (ИНПРЕС) – Група лингвисти, дипломирани и сегашни студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, ги повикуваат сите студенти на дипломски и на постдипломски студии од областа на филолошките науки да учествуваат на четвртата Студентска лингвистичка конференција – „СтуЛиКон 2015“, која ќе се одржи од 24 до 26 април 2015 година во просториите на овој факултет.

Целта на конференцијата е да ја продолжи традицијата на организирање на овој регионален студентски настан, кој по Белград (2011), Загреб (2013) и Сараево (2014) ќе се одржи во Скопје во 2015 година. Конференцијата ќе им овозможи соработка и размена на искуства на студентите од лингвистичките подрачја, како и развој на независна и критичка мисла кон јазичните прашања, и со тоа ќе го промовира и значењето на лингвистиката како наука.

Приложените трудови може да бидат од областа на: фонетиката, фонологијата, лексикологијата, зборообразувањето, морфологијата, синтаксата, историјата на јазикот, применетата лингвистика, методиката на наставата, прагматиката, социолингвистиката, психолингвистиката, когнитивната лингвистика и другите јазични дисциплини.

Секој кандидат може да пријави еден самостоен и еден коавторски труд, напишан(и) на кој било јужнословенски јазик или на англиски јазик. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива