Заев – Материјалите ќе ги објавиме и тие ќе стават крај на владеењето на оваа фамилија

Скопје, 9. декември 2014 (ИНПРЕС) – Стојам зад сѐ што сум кажал и од ништо не бегам. Тврдам дека материјалите што ќе ги објавиме, ќе стават крај на владеењето на оваа фамилија, вели лидерот на СДСМ Зоран Заев во изјава за „Слободен печат“.

Околу „бомбите“ и целта што СДСМ сака да ја постигне, Заев во изјавата дава одредени индикатори, кои, според него, укажуваат на „сериозни деструкции на темелните уставни контури, а се генератори на загрижувачкиот тренд на општествената нестабилност“.

– Прво, во Македонија во целост се повредени одредбите на член 2 од Уставот – „граѓаните власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници“… Како генерација посветена на вредностите на демократијата, слободата и човековите слободи и права, не сакаме да ја прифатиме реалноста – граѓаните во Македонија да бидат лишени од можноста, власта да ја остваруваат преку демократски избрани претставници. Никаде, ама баш никаде во демократскиот свет не е дозволиво министер да каже дека „за нас овие избори се прашање за живот и смрт“ – ова е само еден од многуте докази за кои постојат документи кои во услови на оптимална изградена безбедност и извесна успешност, ќе ги објавиме. Затоа една од целите што мораме да ги постигнеме со нашите политики е – системската партиска доминација врз институциите да биде заменета со определба за владеење на правото, правната држава и еднаквоста на граѓаните пред законот, како гаранција за остварливоста на уставните определби.

Второ, во Македонија во целост се повредени и одредбите на член 16 од Уставот – „Се гарантира слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слобода на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање институции за јавно информирање“. Најискрено можам да ветам пред сите граѓани дека се обврзуваме да ја вратиме слободата во медиумскиот простор, ќе направиме услови да се вратат медиумите затворени од оваа тоталитарна власт.

Трето, во Македонија во целост се повредени и одредбите на член 25 од Уставот – „На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот“. Затоа, една од целите што мораме да ги постигнеме е да создадеме општествен амбиент и безбедносен систем, во кој ќе нема простор за доминација на политичката полиција, а ДБК, посебно нејзината петта управа, задолжена за прислушување, ќе биде предмет на сериозна истрага. Тоа ни се целите и намерите, нема да зборувам повеќе, доказите ќе кажат и ќе покажат многу повеќе. Вашите читатели можат многу да разберат и од тоа што досега го кажав, вели Заев.

Тој е дециден дека материјалите што ќе бидат објавени, ќе стават крај на владеењето на оваа фамилија.

– Сигурен сум дека овој пат што го одиме не е погрешниот и спремен сум да одговарам пред мојата партија ако се покаже дека имало друг, подобар пат. Тоа е едно. Второ, кога ќе имате кај себе вакви информации и докази, вие немате само политичка туку имате и морална одговорност да ги објавите во јавноста. За ова не постои втор или трет пат, единствениот можен за секој одговорен политичар е да објави сѐ што поседува, вели Заев.

Комплетното интервју ОВДЕ. (Крај)

извор: Слободен печат/+инфо фото: архива