Сарафилоски – Превенцијата е врвот на полициските приоритети

Охрид, 10. декември 2014 (ИНПРЕС) – Превентивната функција е новиот лик и новиот имиџ на полицијата во демократските општества и претставува врв на полициските приоритети.

– Во основата на превентивното работење лежи потребата од дијалог на полициските службеници и граѓаните, со цел лоцирање и идентификување на безбедносните проблеми во локалната заедница и изградба на заеднички ефикасен систем за заштита од криминалот, изјави началникот на СВР Охрид Зоран Сарафилоски, на вчерашната работна средба по повод одбележувањето на 9-ти декември, денот на превенцијата и денот на превентивното полициско работење.

Пред присутните се обрати и заменик-градоначалник Ангел Јанев кој рече дека концептот на превентивната работа значи спроведување на законот врз база на проекти и програми за соработка и дека локалната самоуправа во годинава била партнер на СВР Охрид во реализација на повеќе проектни програми со што и општината станува активен чинител во подобрувањето на безбедноста во градот.

– Превентивното работење е обид за градење на партнерство со граѓаните во решавањето на локалните безбедносни проблеми и изнаоѓање на најдобри решенија со кои ќе се намали стапката на криминалитетот, ќе се спречат штетните последици по граѓаните и општеството а воедно ќе се подобри целокупната безбедносна состојба, велат од СВР Охрид и потсетуваат на дел од проектите кои на превентивен план ги има реализирано Секторот заедно со локалната самоуправа, школските центри, Црвениот крст, невладините организации: Превенција од кражби  на плажа , од моторни возила и паричници, зајакнување на капацитетот на полицијата  и примена на концептот на работа со заедницата, проект за безбедни училишта“, проект за безбедност на вода спроведен со езерската полиција, охридската капетанија и Црвениот крст, проект против злоупотребата на визната либерализација, проект мојот пријател полицаец реализиран со детските градинки, проект Внимавајте на вашата безбедност реализиран со здружението на пензионери како и неколку проекти против насилството и малолетничката деликвенција. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива