Вевчани подготвено за карневалот и пречек на гостите (Фото)

Вевчани, 11. јануари 2015 (ИНПРЕС) – Вевчани се подготвува за доаѓањето на Новата година според стариот календар и традиционалниот карневал, кој со богата програма оваа година се одржува до 14-ти јануари, јави Супер радио.

Селото денес блескаше на неделното сонце, а одговорните ги правеа последните подготовки за главните карневалски настани. Се чисти пристапниот пат од остатоците на снегот, а угостителите ги прават последните подготовки за пречек на гостите.

Во рамки на официјалната програма ќе се одржат промоции, перформанси, настап на КУД „Дримкол“, концерти на музички групи и најатрактивниот дел, традиционалната карневалска поворка која ќе заврши со палење на маските на 14-ти јануари, со што официјално ќе биде означено и затворањето на Вевчанскиот карневал 2015.

Карневалските денови започнаа во петокот со промоција на книгата „Масоните од Македонија до 1990 година“ од авторот Миле Миќуновиќ. Промотор на книгата беше д-р Стојан Ристески. Попладнето од 18:00 часот во Клубот на пензионери во Вевчани беше отворена изложба на слики од Петре Шутиноски.

vevcani2015podgotovki1

се поставува бината за настапот на музичките ѕвезди

Главната музичка програма ќе се одржи на 12-ти и 13-ти јануари. Веќе утре, во Вевчани ќе настапи групата „Суперхикс“, а ќе ги пречекаме и регионалните музички ѕвезди, хрватскиот легендарен бенд „Прљаво Казалиште“. На 13-ти јануари музичката програма на Вевчански карневал ќе ја предводи музичкото име кое на најдобар начин го негува традиционалниот македонски звук – групата „Љубојна Брас Фантази“, како и фолк пејачката Елена Велевска. Старата нова година – Василица, според најавите од организаторите, оваа ќе биде пречекана и со голем огномет.

vevcani2015podgotovki3

терасите полни со гости – Вевчани денес

Културно Уметничкото Друштво „Дримкол“ од Вевчани, Новата 2015 година ја започнува со свечен Новогодишен концерт на Фолклорниот ансамбал кој ќе се одржи вечерва во Домот на културата во Вевчани. Концертот ќе започне во 20:00 часот, но поради големиот интерес ќе се одржи уште еден концерт и тоа 2 часа порано, односно во 18:00 часот. Концертот е насловен „Едно видување, еден век“, а неговата порака е за почит, љубов, разбирање и искреан разговор меѓу луѓето. КУД „Дримкол“ од Вевчани е едно од ретките друштва што презентира тематски концерти, наспроти класичните изведби на песна, ора и инструментални нумери. По концертните проекти „Македонска свадба“ и „Обредни песни и игри од Вевчани“, следува и утрешниот „Едно видување, еден век“.

vevcani2015podgotovki4

се` е подготвено за пречек на гостите

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува повеќе од 1.400 години и кој според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. (Крај)

извор: Супер радио фото: Супер радио