„Спасителот“ Субрата Рој една година во затвор

Охрид, 4. март 2015 (ИНПРЕС) – Поминаа точно 369 дена, откако беше уапсен индискиот бизнисмен и македонски „спасител“ Субрата Рој.

По налог на индиската Комисија за хартии од вредност, тој беше приведен нa 28-ми февруари 2014 година. Од бизнисменот се побаруваат неколку милијарди евра, под сомнение дека корпорацијата на Рој „Сахара груп“ работела како банка надвор од финансискиот систем на Индија.

„Сахара Група“ веќе подолго време се обидува да најде пари со коишто ќе ја осигура слободата на Субрата и прироитет ѝ е продажбата на трите луксузни хотели во Њујорк и во Лондон. Субрата ги купи хотелите „Плаза“ и „Дрим даунтаун“ во Њујорк и „Гросвенор“ во Лондон во периодот од 2010 година до 2012 за околу 1,5 милијарди долари, а според индиските медиуми нивната денешна вредност е порасната на 2,2 милијарди.

Македонската Влада своевремено го најави Субрата Рој како голем странски инвеститор кој требаше да го дигне на нозе земјоделскиот комбинат „Џумајлија“, да отвори таму фарма со 20.000 крави, да изгради туристички центар на брегот на Охридското езеро, а во најава беше дури отворање на филмски студија.

subrataljubanista

Инвестицијата на Рој, по системот „топло-ладно“, власта по потреба и на начин на кој најмногу и` одговарапе и` ја претставуваше во јавноста. Најавуван како „инвестиционо чудо“ и „спасител“, го посетуваше Охрид со повеќе членови на неговото семејство, делеше бакшиши, го шетаа со хеликоптери да му ги покажат убавините, го гоштеваа по најелитните ресторани. Контраверзниот бизнисмен, иако од најголемиот дел од јавноста беше пречекан со сомнеж, од власта, барем во прво време, беше пречекан со отворени раце. МПЦ му порача дека нема да ја даде земјата толку лесно, му изгради високи ѕидови околу Св. Наум и дури му порача дека ќе му коле по една света индиска крава секој ден, ако се реализира најавеното. Субрата сепак не потклекна, го купи хотелот „Славија“ во близина на Охрид, неофицијално за 5 милиони евра, за „да ги смести главниот архитект и проектантите кои требаше да работат во Охрид“.

Во центарот на Скопје се одржуваа вистински Боливудски спектакли, беше организиран „Balkan Peace festival“ во присуство на највисокиот државен врв, најави „грандиозен“ споменик на Мајка Тереза, а за време на неговите посети на државава, бизнисменот во сако со кратки ракави, на аеродромите беше пречекуван со најголеми почести и на највисоко ниво.

На 24-ти јануари, на крилата на изборите кои требаше да се одржат за неполни два месеци, тој го посети Охрид од каде децидно порача дека „носи амбициозен проект, кој (замислете) потсетувал на Лас Вегас“.

subratarojohrid1

– На средбата со вашиот ценет премиер, имавме разговор за владите на двете земји, прашања општо за животот, филозофијата на живеење и почувствував дека премиерот разговара со посебни емоции за неговата земја. Ме покани да дојдам во Македонија. Отпрвин реков дека не можам ништо да ветам, но дека сакам искрено да дојдам. Кога дојдов, бев длабоко трогнат на најпозитивен начин од се што видов и си помислив зошто порано не сум дошол, порача тогаш од Охрид Рој и го најави мегаломанскиот проект вреден неколку стотици милиони долари, кој „ќе го внесе Охрид на листата од 10-те дестинации во светот со најлуксузни туристички комплекси“.

subratarojohrid2

subratarojohrid3

За градежните зафати во Љубаништа тој најави дека ќе бидат ангажирани најдобрите архитекти и најдобрите компании во светот.

– Носам одлична програма и проект, кој нема да биде добар само за мојата компанија, туку и за вашата земја. Одлуката за проектот е обострана, не еднострана. Проектот е амбициозен, можеби потсетува на градбите во Лас Вегас. Ќе има цела бродоградбена структура внатре во местото, изјави Индиецот Рој.

nikolabakraceskiopsta1

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, на 13-ти јуни 2013 година, само неколку месеци по „освојувањето“ на власта, изјави дека очекува дека хотелско-туристичкиот комплекс во Љубаништа на индискиот милијардер Субрата Рој ќе се гради, но не е сигурен дека комплексот би се изградил за време на неговиот прв мандат.

– Очекувам да се реализира овој проект. До крајот на вашиот мандат? Мислам дека тоа е невозможно бидејки се разботи за огромен комплекс којшто вклучува многу објекти, многу градежни активност. Во склоп на тој објект треба да има околу 50 објекти за апартманско сместување, десетина хотели, спа-центри и луксуни вили. Ќе треба да се прават и водни пристапи за пловни објекти, така што е невоможно за четири години да се изгради еден таков голем комплекс, кој, ќе биде најубавиот во Еврпопа, рече Бакрачески, кој во моментов е на половина, од како што самиот изјави тогаш „неговиот прв мандат“.

Само еден месец подоцна, во јули 2013 година, Субрата Рој изјави дека не се откажува од Охрид и дека и покрај проблемите и сериозните финансиски обвинувања во Индија ќе ја посети Македонија и Охрид. За приказната да биде поуверлива, неговата компанија тогаш од охридската локална самоуправа побарала и дополнителни 17 хектари земјиште во Љубаништа, за да има доволно простор за луксузниот туристички комплекс кој сака да го гради.

Индиската компанија во Охрид планираше да гради монденски туристички центар со луксузни хотели, казина, спортски терени, пристаниште, објекти за забава и рекреација, одмор, терени за голф, спа центри, марина-хотели и казино на вода на површина од 240 хектари.

Претседателот на „Сахара груп“, Субрата Рој, на 28-ми февруари 2014 година беше уапсен во Лакнау, откако два дена ја избегнуваше потерницата без можност за плаќање гаранција, издадена од Врховниот суд за неговото непојавување пред судот во случајот со невраќање на 4 милијарди долари на инвеститорите. Завршувајќи ги драматичните случувања, 65-дишниот Рој и’ се предаде на полицијата, повикувајќи ја во седиштето на „Сахара Шахер“. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива