zakamen1

„Закамен“ Струга – Планинарењето му дава поинаква смисла на животот

Струга, 28. март 2015 (ИНПРЕС) – Млади луѓе, кои со ентузијастички дух ги освојуваат височините на македонските планини, но и во пошироки рамки, е основниот императив кој ги претставува членовите на струшкото Планинарско – еколошко друштво „Закамен“.

Според нив, другарувањето со природата и сите нејзини релјефи, му дава на животот една друга смисла, која човек не може да ја открие доколку размислува со ограничен ум и сетила. Ценејќи го здравиот начин на живот, членовите на „Закамен“ сметаат дека младите, но и претставниците на сите генерации, не ги познаваат доволно местата во кои живеат и какви се’ убавини има на планините кои ги опкружуваат. На чекор до возбудата, авантурата, адреналинот, но и свежиот воздух сме сите, а само малкумина посегнуваат по убавините кои се бесплатни знаат да кажат луѓето кои се дел од ова друштво.

Друштвото брои 30 официјални членови, а неофицијални членови се околу педесетина.

Инпрес Ви го пренесува разговорот, кој беше реализиран со дел од членовите на друштвото: Андреј Бандовски – претседател на здружението, Димитри Ѓоргоноски – секретар, Горјан Костовски – член на Управен одбор и Глигорие Ќатоски – член.

Во раководството на здружението се уште: Антонио Гоџоски – фотограф, Божидар Праниќ – фотограф и Владимир Ѓорѓиоски – член на Управен одбор.

Инпрес: Што е идејата или визијата која ве обедини за формирање на Планинарско Еколошко Друштво „Закамен“?

Ѓоргоноски: Пред се’ сите кои се членови на здружението сме големи љубители на планините и во различни ситуации сме биле иницијатори за прошетки по планини. За да формираме вакво друштво, идејата ни’ дојде во 2013 година, пролетта. Бевме неколкумина луѓе кои се познававме на Галичица во Охрид, потоа истите луѓе спонтано се собравме и имавме искачување на Пелистер. Така се роди идејата, која му ја пренесов на Андреј, кој ни’ е претседател на друштвото. Тој даде предлог да формираме официјално здружение, потоа почнаа да се приклучуваат и други луѓе. Официјално како здружение сме формирани во јули 2013 година. А причината беше дополнителна, затоа што во Струга можеби функционираат слични вакви друштва, но официјално во регистер и во федерација, не постои друго планинарско друштво од нашиот град.

Инпрес: Она што посебно радува на некој начин и претставува реткост, е тоа дека функционирате како планинарско друштво, но со поднаслов еколошко. Значи планинарството е на прво место, но истакнувате дека помагате, на некој начин и во заштитата на околината.

Бандовски: Не сакавме да бидеме планинарско друштво кое ќе се приклучи на некое еколошко друштво. Туку, намерата ја реализиравме така што, ги споивме и планинарството и екологијата.

Ѓоргоноски: Во секој случај, планинарството ни’ е главната преокупација, но планинарењето не оди без екологија и ги поврзавме.

Ќатоски: Природно си доаѓа тоа дека секој планинар е воедно и екологист. Зошто, обичен пример, ако некој планинари и остава отпадоци зад себе, тоа не е планинар. Тој што ја сака природата, во нашиот случај, планините, и ја заштитува природата. Ако ние не даваме пример, кој друг.

Ѓоргоноски: Значи сакаме да го поттикнеме планинарството, а воедно и екологијата.

zakamen2

Инпрес: Досега, за ова време колку што постоите, навистина имате богат распоред на реализирани планинарски тури и искачувања. Кое место, планина, планински врв, Ви претставува еден вид предизвик, да го посетите како следно?

Бандовски: Олимп во Грција на сите ни’ е предизвик. Двајца наши членови досега го имаат посетено, но поединечно, како друштво досега организирано не сме биле.

Костовски: Дефинитивно Олимп сакаме да го посетиме. И досега многу пати сме размислувале да ги ставиме следни на листа за реализација, но во изминатиот период, некои работи не’ одвлекоа од тоа, бевме малку ограничени финансиски и со обврски.

Инпресс: Што е со оние планински врвови кои сте ги освоиле, кое место Ви оставило најголем впечаток?

Костовски: Кораб, а исто така, барем лично мене, досега најинтересно место ми беше на Ветерница. Од таму се гледаше Олимп, Пирин, дури и Црн Камен, Јабланица, Галичица, Мало Езеро и Преспанското Езеро. Ветерница е место над Големото Езеро на Пелистер на Баба Планината, 2 420 мести, не е највисокото место на Пелистер, но има најубав поглед. Кораб, исто така, пак ќе се навратам на него, можеби затоа што таму многу убаво си поминавме, можеби е поради возбудата, поминавме вечер со шатори, имаше многу забава.

Ќатоски: За искачувањето на Кораб и јас ќе се надоврзам, како еден поттик за луѓето, кои можеби досега не изразиле никаква желба за планинарење. Додека се искачувавме, имаше еден доста повозрасен човек, околу 75-76 години, кој толку бавно одеше, што едвај дури и со помошни стапчиња. Но, човекот, беше толку упорен и не се откажуваше. Комунициравме со него, тој е англичанец, кој работел во Германија, ни’ кажа дека често се искачува на Кораб. Имал вештачки колк, а ни’ објасна дека и самиот веќе не броел колку многу пати се искачил на Кораб. Тоа беше толку голема мотивација за сите нас, кои и без тоа имаме желба за планинарење. Такви примери на луѓе покажуваат дека, нема никакви оправдувања за оние кои велат дека не можеле да се искачуваат, немале време, кондиција. Кога овој човек може, секој може.

Инпрес: Тоа е убав пример за мотивација на луѓето, но сепак, ќе се согласите дека постојат барем минимални предуслови за да може некој да се искачува на планина.

Ѓоргоноски: Сепак, ние не форсираме многу. Мислам дека секој човек колку-толку може да планинари. Ако не може да се искачува брзо, може рекреативно полека. Ако не може на долги стази, може на пониски ридчиња, не мора директно да оди да освојува високи планински врвови.

Бандовски: Во секој случај, барем ние што сме среќавале, планинарат повеќе категории на луѓе, без разлика на пол, возраст, здравствена состојба. Имало луѓе со повреди на колената, а сепак, се движеле и планинареле, секој според можностите и подготвеноста.

zakamen3

Инпрес: Јабланица е вашата честа дестинација. Вистина ли е дека секој кој ја посетил еднаш Јабланица, посакал повторно да оди?

Ѓоргоноски: Има убави места по светот, но сепак, да бидеме реални, Јабланица навистина е богата со убавини, извори, лековити билки, од тој аспект, потоа има повеќе патеки, може човек да се искачува по различни патеки, за да му биде поинтересно, поживописно. Треба навистина малку повеќе луѓето да ги ценат нашите планини. Конкретно за Јабланица, сметаме како друштво дека нема доволно рекламен материјал, за тоа треба малку и локалната самоуправа да се заложи. Да не испадне како жалење, но реално е така.

Бандовски: Од соработките со инситуции и со локалната, има ветувања дека ќе се промовира повеќе Јабланица, очекуваме.

Инпрес: Предностите на еднодневните или оние кратки неколку часовни искачувања, наспроти тури кои знаат да траат и по неколку дена…

Ќатоски: Јас кога се соочив со првото искачување, кое беше предвидено да трае два-три дена, значи со ноќевање на планина, првата мисла ми беше, како ќе биде. Но, испадна многу интересно, без никакви тешкотии, ниту проблеми. Мислам дека ми помогна пред се’ психичката подготвеност.

Костовски: За многумина знае да биде одвлекувачка првата помисла, како ќе се преспие на планина, дали ќе биде удобно, студено, дали има доволно храна.

Бандовски: Таквите искачувања со преспивање на планина се прават повеќе од практична природа. Затоа што ако се зацртало да се стигне, да се освои некоја поголема височина, подобро е да се има одмор кога ќе се стигне до некоја висинска точка, за следниот ден полесно да се освои врвот. Треба волја.

Ѓоргоноски: Дружењето е најпозитивната работа при такви повеќедневни планинарења. Сам човек би издржал, но е далеку поризично.

Ќатоски: Можеби негативностите се во тоа дека може да се истрошат залихите за храна, или полошо за вода, но, обично секогаш однапред се планира тоа. Неискусни планинари можат да направат превид дека ќе им снема храна и слично, но искусните секогаш одат со план. Или ако нема оган, може да биде малку депримирачко. Бара поголема организација планинарењето за повеќе дена.

Костовски: Еднодневните искачувања, сепак се полесни. За неколку часа се искачува човек и се враќа.

Инпрес: Како млади луѓе, сите сте изградени личности, имате секој своја дејност. Има ли во вашето друштво луѓе, кои имаат професија блиска до спортот, или некоја сродна гранка, од аспект на тоа, да добивате постручни совети како да се совлада височината, или вештини на полесно искачување?

Ѓоргоноски: Дел од нас се правници, дел се професори. Има во друштвото фармацефт, можеби тој така некогаш ни’ посочува за што служат билките и тревите кои ги среќаваме низ планините.

Костовски: Спортистите во глобала, се физички поподготвени за било како предизвик, но не е пресудно некој да е спортист, па да мора да се занимава со секаква физичка активност.

Бандовски: Планинарењето треба да се сфати и како еден вид релаксација, оттргнување од технологијата за момент, секојдневно сите обрски се врзани со компјутери, телефони, а планинарењето е за да заборави малку човек на секојдневието. Формирањето на нашето друштво, беше и за да се разбие малку монотонијата на активности на луѓето во Струга и регионот.

Ќатоски: Точно, да им се даде можност на младите, дека петок и сабота не се само за вечерно излегување по локали, дека може да се дружат и на други места. Да размислуваат за алтернативи за здраво живеење.

Инпрес: Како регрутирате нови членови? Ги спомнавме младите и поттикот да одберат нешто ново, па дали повикувате да ви се придружат нови членови преку некои маркетиншки мерки, како се промовирате?

Костовски: Не го правиме тоа со силна намера да мора да ни’ се придружи некој ако не сака. Значи оставаме на членовите како сакаат, некој прв пат кој планинарел со нас, потоа се зачленил и во друштвото.

Ѓоргоноски: Имало и обратни случаи, однапред сакаат да знаат каде ќе се планинари, да биде некоја полесна патека. Некоја посебна кампања немаме. Кој сака може слободно да се приклучи. Кога се планира некое планинарење, исто така, од членовите може да дојде кој сака, кој може.

Инпрес: Можете да ги спомнете планинарските друштва од другите градови, со кои сте соработувале досега?

Бандовски: Со Планинарското друштво од Кичево често имаме заеднички тури, меѓу најактивните се Планинарското друштво „Пелистер“ од Битола, со нив често се дружиме, имаме заеднички проекти. Исто така, да ги пофалиме и членовите на друштвото „Кожуф“ од Гевгелија, тие имаат големо членство, а реализираат над сто акции во текот на една година. Потоа соработуваме со друштвото од Демир Хисар.

Ѓоргоноски: Со охриѓани индивидуално соработуваме, ни’ се приклучуваат често поединци од Охрид, или не’ канат во Охрид ние да дојдеме. Се координираме и со Велосипедскиот клуб „Зш Точак“ од Охрид, дел од членовите се занимаваат и со екстремни спортови, па не’ известуваат кога има подобри услови за планинарење на Галичица.

Инпрес: А како оди соработката и разбирањето со институциите или федерацијата?

Ѓоргоноски: Имаме добра соработка со федерацијата, со Македонското Еколошко Друштво, со Агенцијата за локален развој од Струга.

Инпресс: Каква визија имате за понатаму да направите нешто револуционерно?

Бандовски: Мислам дека веќе ја започнавме, но се трудиме, не застануваме, а времето ќе покаже каде ќе стигнеме. Се обидуваме во некои проекти да се вклучиме.

Костовски: Сакаме да направиме нешто во делот на одбележување на патеки, акции за чистење на некои предели, организирање на младински кампови.

Ќатоски: Со проектите сакаме токму претставници од нашата генерација да ги анимираме. Многу од планинарските друштва ни’ честитаа за тоа дека сме помлади, а веќе нешто создаваме.

zakamen4

Инпрес: Суровите услови во планината, наспроти убавините што ги нуди?

Ѓоргоноски: Имаше една случка, бевме неколкумина, не беше премногу студено, но имаше многу снег, а не ни беше соодветна опремата.

Костовски: Планината може секогаш да изненади, на еден или друг начин, дури и во летна сезона.

Ќатоски: Уште еден пример, пред две години планинаревме некаде во месец мај, додека се подготвувавме и се’ додека се искачивме беше прекрасно времето. А таму наеднаш почна да врне силен дожд и град. Се најдовме на чистина, каде немаше ни дрво, ни карпа за да се засолниме. Таа случка беше малку поекстремна, малку адреналин…

Ѓоргоноски: Има многу случки каде планината знаела да изненади, со некој природен феномен. Исто така, еднаш на Јабланица, кога одбележувавме патеки, падна магла, па не можевме на ја пронајдеме точката по која се ориентиравме каде сме. Како што се пробивавме, потоа ги забележавме патеките од височина и утврдивме дека цело време како во круг да сме се вртеле. Но, откако се крена маглата, го најдовме патот. Една од понесекојдневните глетки е она што го нарекуваат инверзија. Може во Струга и во котлината да е облачно, врнежливо, а горе на планината да е ведро.

Инпрес: Што вклучува најосновната опрема за планинарење?

Бандовски: Обувките се најважни, да се со поткрената основа и да не пропуштаат вода, а да се високи над глуждот. Важно е да се има ранец, а не да се носи храна и вода во раце, туку рацете да се слободни за во случај на подлизнување, да може пофлексибилно да се задржи планинарот. Од храната и течностите, најосновно е да се носи вода, а храната да е претежно сува храна, хранлива и со енергетски вредности, да дава енергија, а не калории. Кабаницата е исто така важна, да се има при рака за во секакви услови. Потоа се’ останато влегува веќе во дополнителна опрема, капа, очила, заштитни кремови за лице, помошни стапчиња, ако се оди веќе на поголеми височини, и друго. А има опрема која е третостепена веќе, чисто од естетска вредност. (Крај)

извор: Инпрес фото: Инпрес/Zakamen

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest