Missing image

Леа Таки: Музичарите со иста енергија се привлекуваат едни со други

Охрид/Скопје, 20. мај 2015 (ИНПРЕС) – Ако се спомне името Гранит Таки, еден од најдобрите македонски рок музичари на сите времиња, а да се поврзе со младата македонска музичарка Леа, некому ќе му звучи позната релацијата татко-ќерка.

Како што вели самата Леана Таки, позната под уметничкото име Леа, за неа е чест да се расте во музичка фамилија, но никогаш својата музичка кариера не ја гради на сметка на нејзиниот татко.

Глас што ѕвони, талент што извира од секоја нота и радост, која е нескриена при секој нов музички проект. Тоа е Леа.

Инпрес агенцијата ја пречека Леа Таки при нејзината посета на Охрид и секако, неодминливо беше да сподели неколку интересни моменти за нејзината музика со читателите.

Инпрес: Како се носиш со фактот да имаш татко кој ја создаваше македонската рок антологија?

Леа: Одлично. Има луѓе на кои тоа, претпоставувам би им претставувало товар, или би биле „затекнати“, подисплашени. Или би имало коментари дека таа моја кариера ја градам на сметка на татко ми, и слично, но кај мене е обратно. Мене ми е особено, неопишливо мило што сум ја имала честа да растам покрај таков човек, кој отсекогаш пропагирал музика. Кај нас дома отсекогаш се пеело, се слушала убава музика. Не би избрала никогаш да бидат нештата поинакви од она што се.

Инпрес: Работиш и на својата соло кариера, и на бројни соработки, претежно во рамките на поп – рок, рок сцената. Дали овој жанр ти претставува основен двигател, или можеби би работела и снимала музика и во некој друг правец.

Леа: Во принцип останувам во рок водите. Можам малку и кон метал музика да се ориентирам, да се направи нешто што е похард кор. Но во секој случај, рок музиката е она што го негувам и ќе продолжам така.

Инпрес: Спомнавме дека градиш и соло кариера, а тука се бројните соработки со македонски рок бендови, по кои луѓето те препознаваат. Си имала соработки со Eye Cue, The Hounds, но тука е и охриѓанката Мартина Блажеска. Во однос токму на тие соработки, како е за еден млад музичар, да се изградува и да музицира паралелно со други музичари, генерациски некоја година плус-минус? Колку се надополнувате едни со други, а на кој начин работите да бидете секој за себе препознатлив?

Леа: За Мартина можам да кажам дека е една од најталентираните музички имиња од Охрид, која ја имам запознато, и имав можност да соработувам со неа. Така, од соработката произлезе песната „Race (Don’t Let it go to Waste)“. Не можам да дадам некој премногу прецизен одговор на ова прашање. Во принцип мислам дека музичарите со иста енергија, си се привлекуваат едни со други. Дури некогаш си помислувам и си правам такви асоцијации во глава, дека дури и да се од еден на друг крај на планетава, ќе си најдат начин да се сретнат музички, да се запознаат, да се пронајдат. :) Јас дури, ќе посочам еден конкретен пример, кога бев на постдипломски студии во Амстердам во период од една година, уште во првиот ден се запознав со гитарист од Германија, со кого подоцна направивме три заеднички песни. Едноставно, музичарите си се наоѓаат, се привлекуваат. И не мора да се врсници секогаш, дури некогаш и поголем генерациски јаз може да е продуктивен. Секој од своето време, од различна генерација, да донесе во музиката нешто свое, во случаите кога се работи за луѓе со различен темперамент и различни генерации.

Инпрес: Со какви следни идеи поврзани со музиката, би сакала да ја изненадиш публиката, независно дали во скоро време или во иднина?

Леа: Некогаш работите во музиката се подредуваат и ги сфаќам во самиот миг на случување. На пример, во последен миг одлучивме со The Hounds да направиме и друга заедничка песна – „Насмевки“, по онаа која ја имавме, „Да дишеме слободно“. Неочекувано ни’ дојде одлуката да снимиме уште една песна заедно. Затоа јас никогаш не ветувам времиња, затоа што не сакам да поставувам временски граници што ќе се случува со музиката. Сакам да снимам и спотови, како што досега сме правеле спотови и со други бендови за песни. Ќе видиме како ќе испадне се’ она што го замислувам.

Инпрес: Кога веќе ги спомна спотовите на песните, оние видео записи кои ги имате изработено со бендовите со кои соработуваш, изобилуваат со необичност, за разлика од оние класични спотови, кои често се прават. Спотовите на песните во кои пееш имаат посебен однос и даваат поинаков впечаток. Колку сакаш и препорачуваш самиот музичар да има удел во креацијата на спотовите, или тоа би требало да се препушти строго на режисерот?

Леа: Добро е самиот музичар да има удел во правењето спотови. Влијание има и самата песна која се прави, музиката, стилот, жанрот. Јас досега за правење спотови имам соработувано само со еден режисер, тоа е Огнен Шапковски. Тој ги има работенo трите досегашни спотови, кои ги правевме со Eye Cue. Едноставно сум презадоволна од соработката со него и тој навистина знае да процени карактер на човек , карактер на музичар, на бенд како целина и да го најде најсоодветното решение за спот за одреден бенд и одредена песна.

lea1 lea2

Инпрес: Младите и нови македонски бендови и музичари… Нивните најдобри страни погледнати од твој аспект…

Леа: Јас многу се радувам дека имаме се’ повеќе и повеќе бендови, кои собираат храброст да прават своја музика. Имало периоди кога повеќе била актуелна поп музиката. Тоа било периодично, сме биле под влијание на светската сцена. Така пред околу две декади, и македонскиот музички правец бил повеќе под тоа влијание и се правеше повеќе поп музика. Сега, почнуваме да зазвучуваме како музичка нација на рок бендови, како од странство. Сите луѓе кои ги познавам, кои од порано сме се дружеле по клубови, за време на живи свирки, скоро сите направија официјални бендови, извадија кој песни, кој цели албуми. Тоа многу ме радува. Значи ако не’ има повеќе бендови, еве конкретно во рок музиката и рок сцената, значи дека ќе изградиме посолидна сцена. Со тоа ќе има и повеќе настани, повеќе движење преку музиката, повеќе луѓе ќе слушаат добра музика. Така ќе дојдеме до оној степен да се отворат шанси да живеат луѓето во Македонија од музика, нормално, оние кои се занимаваат со тоа.

Инпрес: Кога ќе се спомнат настапите и случувањата во музиката, дали повеќе ти се допаѓаат настаните со многу бендови и музичари на едно место, како еден вид фестивали, или повеќе ги сакаш свирките во живо во ноќни локали, каде концентрацијата е свртена претежно на претставување на еден бенд или соло музичар?

Леа: Си има своја убавина и едното и другото. Убаво е кога за некој повод ќе се направи настан со повеќе музичари, на пример, нешто хуманитарно, или за праќање некаква порака за соживот, за мир, за екологија и слично. А убави се и клупските свирки со бенд во живо, или акустични вечери. (Крај)

извор: Инпрес фото: Инпрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest