Missing image

Наскоро нов лек против рак на кожата

Вашингтон, 7. септември 2014 (ИНПРЕС) – Американската агенција за храна и лекови даде зелено светло за започнување на забрзана постапка за одобрување на лек против рак на кожата.

„Keytruda“ е лек наменет за третман на напреднат меланом кај пациенти кои не реагираат на друг вид на третман. Меланом е многу агресивна форма на тумор на клетките одговорни за пигментацијата на кожата. Околу 5% од новорегистрираните случаи на рак во САД се од овој вид.

Според Националниот институт за рак, во 2014 година, вкупниот број на дијагностицирани лица со маланом ќе достигне 76 илјади. За 9.710 од нив, исходот ќе биде фатален.

Лекот е развиен од страна на компанијата „Merck“ и е првиот третман, одобрен од Американската агенција за храна и лекови кој е насочен кон клеточната функција наречена PD-1. Резултатите од првите клинички испитувања покажаа дека овој третман може да придонесе за значително подобрување во споредба со постојните терапии. (Крај)

извор: Health фото: архива