Missing image

Вељаноски – Приоритет на Македонија е полноправното членство во Европската Унија и НАТО

Скопје, 8. септември 2014 (ИНПРЕС) – Имаме обврска Македонија да им ја предадеме на следните генерации уште поразвиена, уште посигурна и уште постабилна, а најголем предизвик останува вкупниот државен развој, а приоритети членство во НАТО и во ЕУ, рече претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, на свечената академија во пресрет на празникот 8-ми Септември – Денот на независноста на Република Македонија.

На свечената акедемија по повод 23 години од одржувањето на референдумот на кој со огромно мнозинство граѓаните се изјаснија Република Македонија да истапи од поранешната СФРЈ и да стане самостојна и суверена држава, присуствуваа и претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски, пратеници и министри од првиот состав на Собранието, дипломатскиот кор во Република Македонија, како и бројни јавни личности.

Вељноски во својот говор повика и на соработка и единство меѓу политичките субјекти во земјата, на натамошното јакнење на довербата меѓу етничките заедници и меѓуверската толеранција.

– Никогаш не престанавме да веруваме и да се бориме за нашето заедничко подобро утре под сонцето на слободата. Таквата упорност, пожртвуваност, национална одговорност и вера ја доведоа Македонија таму каде што е денес. Нашата татковина 23 години чекори по патот на независноста. Нашите граѓани 23 години ја живеат слободата и успешно се носат со одговорноста која доаѓа со независноста. Огромна благодарност и до сите други македонски синови и ќерки кои овие 23 години во македонски униформи ги чуваа македонските граници и македонската земја внатре во Македонија кога беше потребно или надвор од неа како дел од мисиите на нашите нато сојузници, рече Вељаноски.

Осми септември, како што рече Вељаноски, е најголемиот симбол и на искрениот дијалог, соработка и разбирање меѓу различните политички партии. Затоа, според него овој датум „треба да биде денот на кој треба да го славиме и да го поттикнуваме нашето единство и соработка“.

– Осми септември не е празник само на поддржувачите на една или на друга партија. Осми септември е празник на сите наши партии. Осми септември е најголемиот политички успех, како на ВМРО-ДПМНЕ, така и на СДСМ. Оваа вредност на овој голем ден мораме постојано да ја акцентираме. Како што пред 23 години македонските политичари од сите политички партии застанаа еден до друг на плоштадот во Скопје да ја обнародат и да ја прослават независноста, така ние денес имаме обврска кон тоа дело и кон тие луѓе да бидеме единствени и сплотени, порача Вељаноски.

Тој истакна дека 8-ми Септември, како ден на македонската независност подеднакво се однесува на сите, независно од тоа каков јазик говора или на кој бог му се молат, како и дека мора уште повеќе да се јакне довербата и разбирањето меѓу етничките заедници.

– Членството на Македонија во НАТО е нашиот најголем приоритет. Во овој историски период, тоа е целта над сите цели. Тоа е задачата над сите наши задачи. Со силна вера и посветеност, стоиме рамо до рамо со нашите западни сојузници. Непоколебливо даваме свој придонес во афирмацијата на вредностите во кои веруваме. Со силна вера и посветеност, продолжуваме стрпливо да го чекаме денот кога македонското знаме ќе се развиори пред седиштето на НАТО во Бриесл, рече Вељаноски.

Според него следниот голем приоритет на Македонија е полноправното членство во Европската унија.„Нашиот нов 8-ми Септември, новиот македонски Илинден, ќе биде денот кога Република Македонија ќе се интегрира во Европската унија. На патот до полноправното членство, остваривме голем напредок.

Сепак, за претседателот на Собранието, најголем предизвик и натаму продолжува да биде севкупниот развој на земјата. (Крај)

извор: МИА фото: архива