Објавен на македонски јазик романот „Сушен период“ од Габриела Бабник

Скопје, 9. декември 2015 (ИНПРЕС) – Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавува објавувањето на романот „Сушен период“ од Габриела Бабник.

Во Словенија книгата беше пречекана како настан со кој се рушат стереотипите меѓу Европа и Африка. Книгата е добитничка на Европската книжевна награда во 2013 година. Преводот на македонски е на Лидија Аризанковска.

„Сушен период“ опишува љубовна врска меѓу Ана, 62-годишна дизајнерка од Централна Европа, и Исмаел, 27-годишен Африканец што пораснал на улиците и бил жртва на многу злоупотреби. Она што им е заедничко се осаменоста, трагичното детство, сушните периоди или „харматан“, кога ниту природата ниту љубовта не можат да процветаат…“

Габриела Бабник (1979) е словенечка писателка родена во Гепинген, Германија. Студирала компаративна книжевност во Љубљана, а потоа патувала во Африка, која станала инспирација за нејзините дела. Пишува книжевни осврти, есеи, патописи и интервјуа во различни медиуми во Словенија. Магистрирала со дисертација за современиот нигериски роман. Пишува политички колумни за африканските прашања.

Лидија Аризанковска е преведувач и универзитетски професор. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива