Missing image

Ранохристијанската базилика во струшко Радолишта крие многу тајни

Струга, 13. септември 2014 (ИНПРЕС) – Природно научниот музеј Др.Никола Незлобински од Струга заедно со Министерството за култура започнаа ископувања на базиликата во струшкоРадолишта.

Станува збор за ранохристијанска базилика која датира од 5-тиот или 6-тиот век и последен пат на оваа археолошка локацијасе работело во 1976, 1978 и 1981 година.

Како што информираат од струшкиот музеј истражувањето треба да открие повеќе детали:

– Главната цел на проектот оваа година беше да се види состојбата на мозаиците бидејќи подолг период, од 1976-та до 1980-та година беа конзервирани. Сега ги отворивме и ги видовме сите мозаици, тоа е квалитетно направено така да состојбата сега е можам да кажам исклучително добра. Ќе треба само мали интервенции да се направат на одредени сегменти од мозаикот и тоа беше наша главна цел оваа година да ја утврдиме состојбата. Инаку, следната година продолжуваме овде на локалитетот на ранохристијанската базилика со неколку контролни археолошки сонди, бидејќи скакаме да го прошириме северозападниот дел од овој комплекс, да видиме уште нешто да излезе како археолошки материјал и да провериме една позиција која е исклучително важна, а од која зависи датирањето на самата базилика, а тоа е еден ранохристијански гроб кој своевремено кога се работело 70- тите години откриена е и надгробна плоча, а каде се спомнува презвитер Георгија и со точно датирање на индиктот, вели директорот на струшкиот музеј, Сашо Цветковски.

Мошне е интересно бидејќи ќе се утврди и точноста за постоењето на оваа базилика, потенцира директорот Цветкоски:

– Тоа е многу интересно, бидејќи тоа се можеби најраните појави на идикционо датирање на времето, односно епохата, така да тоа е исклучително важно да ја пронајдеме таа плоча, бидејќи веруваме дека таа е повторно вратена на своето првобитно место и со тоа да дадеме едно прецизно датирање на базиликата, бидејќи иако базиликата веќе осумдесеттина години е позната и така во одредени периоди истражувана, но сепак постои едно колебање дали тоа е доцен петти век, дали е прва половина на шести век, со тоа што ние би имале една сосема прицизна хронологија, објаснува директорот на струшкиот музеј, Сашо Цветковски.

Иако поминал подолг временски период сепак базиликата е во одлична состојба велат конзерваторите. Во наредниот период ќе се прават дополнителни анализи.

– Сега треба да направиме неколку пресеци на подлогата да видиме во каква состојба се наоѓа варовиот, односно хидростатниот малтер. Да видиме за колкава дебелина станува збор и со сите тие анализи и истражувања и резултатите од тие анализи да ни послужат за натамошниот дел на проектот, кој треба да се изведува наредната година, но се’ зависи од средствата кои ќе бидат доделени, вели Томе Филов, конзерватор на мозаик.

Базиликата во Радолишта во науката е позната по мозаиците кои имаат исклучителна вредност, т.е. иконографијата на претставените мотиви и композиции каде се вбројува меѓу најзначајните и најрепрезентативните во нашата земја. (Крај)

извор: Охридпрес фото: архива