Missing image

За биодиверзитетот во Охрид- Преспа регионот се расправаше на експертска конференција „Скапоценостите на Македонија“

Скопје/Охрид, 5. октомври 2016 (ИНПРЕС) – Во хотелот „Мериот“ во Скопје се одржа првата експертска конференција „Скапоценостите на Македонија“.

На конференцијата домашни и странски експерти зборуваа за значењето на уникатниот биодиверзитет на Охрид- Преспа регионот и опасностите со кои моментално се соочува.

Целта на конференцијата беше да се отвори простор за дискусија помеѓу научната фела и претставници на институциите кои делуваат во овој регион за да се согледаат опасностите и можностите за зачувување на исклучителната природна важност која ја има регионот на Охрид и Преспа.

Проф. Д-р Златко Левков од Природно Математичкиот Факултет пред присутните го презентираше возбудливиот и невидлив свет на Охридското Езеро.

– Повеќе од 1 милион години непрекината еволуција создала микроорганизми и ендемски жив свет за Охридското Езеро кој не постои на ниедно друго место на светот, објасни Левков.

На неговото излагање преку видео обраќање се надоврза и проф. д-р Томас Вилке од Јустус Либиг Универзитетот во Гисен кој го предводеше истражувањето на староста на Охридското Езеро.

– Гледајќи дека езерото се движи накај точка од која нема враќање предлагам итна акција. Најпрвин, треба да се прогласи мораториум за сите градежни активности кои влијаат на езерото или неговите сливови, истакна проф. Вилке.

Претседателот на Европскиот огранок на Здружението на експерти за блатни екосистеми проф. д-р. Јос Верхоевен предупреди на ризиците од градење во Студенчишкото Блато.

– За ова блато да се зачува недопрено постои многу важен аргумент- тоа е последното и затоа треба да се ревитализираат блатните екосистеми околу езерото и да се вратат во онаа состојба во која биле пред можеби 100 години, рече тој.

Д-р. Трајче Талевски од Хидробиолошкиот Завод во Охрид зборуваше за опасностите од развојни проекти кои се надвиснати над опстанокот на Охридското Езеро и планината Галичица. – Галичица е планина без снег, а и тоа што паѓа во зима не е со таков квалитет за скијање. Оттука се поставува прашањето, како може да се направи ски центар на планина без снег?, праша Талевски.

Проф. д-р Јане Ацевски од Шумарскиот Факултет во Скопје истакна дека Галичица е една од најбогатите планински системи во Европа. Тој зборуваше дека ни е потребно поефикасно управување со нашите шумски екосистеми каде ќе се нагласи рамнотежата помеѓу потребите на луѓето и зачувувањето на природата.

– Не може од еден Национален Парк да барате да го штити паркот и шумата и воедно економски да зависи од сеча, рече тој.

Антонио Трикарико од Re: Common, Италија зборуваше за своето долгогодишно искуство од неуспешно спроведени мерки за компензација и неутрализација во заштитени подрачја.

Конференцијата заврши со презентација на концептот за Смарт Охрид на Проф. д-р. Стефан Бужаровски од Универзитетот во Манчестер за алтернативен превоз во Охрид и поинакво решение од пат низ срцето на Галичица.

Конференцијата беше во организација на Граѓанската Иницијатива „ОхридSOS“ и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје со поддршка од Хајнрих Бел Фондацијата. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest