snezanamitrevska

Митреска: Интернет-кафеата треба постојано да се во чекор со условите кои ги диктира дигиталната ера

Охрид, 3. декември 2016 (ИНПРЕС) – Иднината на локалите кои нудат интернет услуги е во новите начини на функционирање, комбинацијата на пакет услуги, а секогаш треба да се биде во чекор со времето, смета Снежана Митреска, сопственик на интернет-кафе „Инсајд“ (Inside) од Охрид.

„Инсајд“ е најстарото интернет-кафе во Македонија, отворено во 1999 година, а како што вели сопственичката, по името останале препознатливи до ден денес.

Инпрес поразговара со Митреска за новитетите кои се нудат и начинот на работа на еден ваков објект.

Инпрес: „Инсајд“ интернет – кафе луѓето го препознаваат како најстарото интернет-кафе во Македонија. Успешно работите долги години. Како гледате од денешен аспект на почетоците на работата на објектот?

Митреска: Ова интернет – кафе е отворено во 1999 година. Точно, станува збор за најстаро интернет кафе во Македонија. Предходно бевме на друга локација, а сега сме на локацијата, по која можеби најмногу нè запаметија клиентите, во самото приземје на трговскиот центар „Амам“. На оваа локација сме веќе десет години. Неодамна, во мај месец имавме реновирање и го направивме просторот уште попријатен за работа. Задоволни сме со сè што досега сме постигнале, а и понатаму се разбира ќе воведуваме новини.

Инпрес: Со реновирањето, добивте и посебен дел, како снек-бар. Со тоа на граѓаните им станаа достапни и пакет услуги, кои за брзо време станаа популарни. За какви пакети на услуги станува збор?

Митреска: Во ново руво сме сега и почнавме да нудиме пакети по доста поволни цени. Реновирањето и дополнувањето со делот на снек-бар, беше со цел, да добиеме еден убав простор како една мала канцеларија, посебно за деловни луѓе, администрација, кои често имаат потреба од извршување на работни задачи низ чаршијата, средби со нивни клиенти, па овој простор кој го имаме и идеален за тоа. Секако дека и за сите останати граѓани е поволно, додека користат интернет услуги, можат да добијат мала закуска, топли и ладни пијалоци, кафе. Кога станува збор конкретно за пакетите, можам да ги истакнам некои: имаме пакет од клуб – сендвич, пијалок и интернет гратис, потоа помфрит со пијалок кока – кола и еден час интернет гратис и тост – сендвич, пијалок и интернет.

Инпрес: Дали името асоцира буквално на тоа каде е сместен објектот, или имавте некоја друга визија?

Митреска: Апсолутно, името на интернет-кафето означува буквално „внатре“. И предходно кога бевме на старата локација, беше во внатрешноста на трговскиот центар, и сега на оваа локација, исто така. Но, името веќе стана препознатливо. Сосема си одговара. Сепак, сме сместени во самата чаршија, лесно сме достапни, од двата главни влезови на „Амамот“ лесно се стигнува до „Инсајд“, од едната страна е главната улица, сите поважни објекти се во близина, додека од другата страна, пристапот до самата чаршија е лесен.

inside3

Инпрес: Во денешно време интернетот е достапен на граѓаните буквално на секој чекор и во движење. Што е она што сепак останува како барана услуга кога станува збор за објект како што е интернет-кафе?

Митреска: Да, се чувствува разлика, од порано кога немаа сите домаќинства интернет дома. Но, интернет – кафеата полека стануваат место за граѓаните кога имаат потреба од поголем број на услуги, не само обичното сурфање. Значи, ако имаат потреба и од печатење на пообемни материјали, кои предходно треба да се прибават од некоја интернет страница, потоа комуникации со странство. Разликата е во тоа што е поразлично од дома и од работа, самата намена на интернет-кафето, самиот простор. Ќе спомнам, услугите од печатење, скенирање, ако интернет има во поголемиот број домаќинства, многу малку имаат на пример печатачи. Или едноставно, може да се дојде на кафе – пауза, а притоа попатно да се користи интернет услуга.

inside4

Инпрес: Кои се едни од најбараните услуги моментално?

Митреска: Имаме повеќе услуги, горе – долу сите се подеднакво барани. Печатење, скенирање, телефонија, сето тоа е по поволни цени. Исто така, работиме и со купопродажни договори.

Инпрес: Меѓународните телефонски разговори им се исто така достапни на граѓаните. Многумина имаат роднини или пријатели во странство, па често имаат потреба од оваа услуга. За кои земји има најмногу интерес за телефонски разговори?

Митреска: Претежно повозрасните граѓани, или странците кои гостуваат во Охрид, имаат потреба од оваа услуга. Најчесто разговорите се за Соединетите Американски Држави, потоа Канада. Од Европа, најмногу граѓаните имаат потреба од разговори со нивните блиски од Швајцарија, Германија и други земји. А, ние нудиме разговори за сите места во светот.

inside2

Инпрес: Колку вложувате во процесот на комуникацијата на релација меѓу самите вработени, како и меѓу Вашите клиенти?

Митреска: Имаме доста добро развиен професионален пристап и однос кон сите кои ги користат нашите интернет услуги. Вработените се доста комуникативни и стручни, надградени се доста со знаење, на сите граѓани кои нè посетуваат, им се достапни за било која информација.

Инпрес: Кои се Вашите идни тековни работи, со кои ќе ја надополните богатата понуда на услуги?

Митреска: Тековно сакаме да се ориентираме и повеќе кон делот на снек – бар. И сега сме, но повеќе да ги насочиме луѓето да имаат навика кога би дошле на закуска или кафе, во едно да добијат и брза интернет услуга.

Инпрес: Колку сметате дека на пазарот е потребно место од ваков тип?

Митреска: Мислам дека ваков објект во секој град, сепак треба да има, и покрај тоа што луѓето имаат брз и лесен пристап до интернет од секое место, во секое време. Сепак во интернет – кафеата сè има на едно место. Интернет конекцијата кај нас е доста брза. Сè е ефективно и граѓаните си ги завршуваат своите задачи за кратко време. Работното време е од 9 до 12 часот на полноќ. Работиме постојано, освен за поголеми државни празници. Најголема фрекфентност на клиенти има претпладне, затоа што обично во тој период луѓето се надвор, одат на работа, или за време на работна пауза, кога најмногу има потреба од услуги за печатење на некои материјали, или да се добие некоја информација преку интернет, а е подалеку од дома или работното место. (Крај)

извор: Инпрес фото: Инпрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest