jasnahristovska

Христовска: Планинарењето е секојдневие на странските туристи, кај домашните полека станува тренд

Охрид, 5. декември 2016 (ИНПРЕС) – Младите охриѓанки, сестрите Јасна и Ивана Христовски со планинарење се занимаваат 13 години, а нивното хоби со добра идеја го претвориле во работа.

Работат во туристичко друштво Free Pass кое самите го основале, преку кое на туристите им се нудат тури многу поразлични од стандардниот начин на водење на странски посетители, кои доаѓаат во Охрид и Македонија.

За идејата за основање на едно вакво друштво и мотивот кој ги тера постојано да работат, Агенцијата Инпрес отвори разговор со Јасна Христовска. Таа дополнува дека со нејзината сестра секогаш имаат нови идеи, кои се трудат да ги реализираат.

Инпрес: Кој Ви беше првичниот мотив да формирате едно вакво здружение кое не функционира класично, туку работите на инвентивен начин?

Христовска: Мислам дека беше совршено време и место, бидејќи откако завршивме факултет беше тешко да се најде работа, особено тука во Охрид, каде сè е сезонско. Дојдовме до идеја нашето хоби, планинарење, со кое се занимаваме околу 13 години, да го вметнеме во она што ќе го работиме. Тука се и сите активности на планина, скијање, искачување. Сакавме да понудиме нешто поразлично. Како што доаѓаа сè повеќе и повеќе холандски туристи, сфативме дека е добра прилика за нас, кои нема официјално и по шаблон да ги водиме по некои од планинарските тури.

Инпрес: Вработени во Free Pass сте Вие и Вашата сестра Ивана. Како функционирате во однос на менаџирањето на човечките ресурси во самото туристичко друштво?

Христовска: Вработени сме само ние две, но имаме и други лица, кои или ги најмуваме, или се како наши соработници. Соработуваме со возачи, транспортни фирми, членови на други планинарски фирми, потоа членови од здруженија за возење велосипеди, нуркање и слично. Регистрирани сме како туристичко друштво за давање на туристички услуги, со фокус или интерес на incoming туризмот, значи за гостите кои се веќе присутни во Охрид, односно кога веќе ќе дојдат, ние нудиме некаков вид на активен туризам.

Инпрес: Кога било која фирма, здружение, или групација, кои имаат некое специфично име, неминовно е да се одгатне приказната, или можеби анегдотата, која стои зад формулирањето на името. Што сакате да потенцирате Вие со името на Вашето туристичко друштво – Free Pass?

Христовска: За името сите се интересираат. Некако спонтано дојде името, иако имаше повеќе смисла на македонски јазик, нешто како слободен влез или слободен пристап до природата, планинарењето, до активниот туризам, забава и слично. Но, остана името сепак, на англиски. Некои мислат дека според името, сè е бесплатно. :) Но, има и доста кои сфаќаат на што точно мислиме, и дека она слободен влез е за достапноста до природата.

Инпрес: Ако презентирањето на природата Ви е една од главните цели за да го привлечете вниманието на странските гости, за домашните туристи, или локалното население, организирате еден вид на поинакви тури, кои ретко кому би му паднале на памет. Само како една мала илустрација на насоката на разговорот, имавте пред неколку месеци, искачување на планина на полна месечина, потоа овој викенд организирате настан „пиење кафе на 1 600 метри надморска височина на Велестово“ и слично. Кој е задолжен за овие идеи?

Христовска: Прво би сакала да кажам дека е многу тешко да се работи со македонски туристи, конкретно за активниот туризам. За оној туризам, кој се состои само од шетање низ градот, шопинг, тие се веќе научени навики кај луѓето, а она што ние го правиме, е веќе нешто вон комфорт зоната за македонските клиенти, и искрено за нас е најголем успех кога на македонци ќе продадеме некоја од турите. За странските туристи е полесно во однос на соработката, само доволно е да им покажете некоја од природните убавини на Галичица, за тие да се одлучат да земат било каква тура, дали планинарење, или само разгледување со автомобил. А, за тие тури со креативни идеи, голем дел се на сестра ми. Интересни се таквите настани. Ние и онака често одиме на ноќно планинарење, а Галичица нуди доста безбедни патеки, кои можат да ги користат и поединци навечер. Оние кои беа со нас конкретно на тоа искачување на полна месечина, без воодушевени. Секогаш имаме некои нови идеи и се трудиме некако да ги оствариме и реализираме.

aktivnost

Инпрес: Скептични ли се луѓето за ваквите настани од Ваша страна, со оглед на тоа дека ретки се оние кои се отворени за нови идеи?

Христовска: Прво и самите колеги планинари, секогаш се скептични. Јас и сестра ми, сме, да речам едни од единствените претставнички на понежниот пол, кои сме дел од планинарските групи и кои активно го правиме тоа. Коментарите најчесто се однесуваат на тоа дека луѓето кои ги прифаќаат турите, биле почетници, не можело туку – така да се носат на планина. Но, некогаш треба и да се проба. Турата на полна месечина, ние прво ја пробавме таа тура да видиме дали реално може да се изведе нешто, а потоа имавме помош од шест други водичи, не бевме само ние две.

Инпрес: Не се ни сомневам дека имате уште безброј идеи кои ќе ги реализирате. Но, од аспект на импресиите кои ги добивате како повратна спрега од луѓето со кои сте биле на некоја тура, какви се нивите реакции? Што прифаќаат со најголемо задоволство?

Христовска: Имаме и доста интересна и квалитетна понуда за Галичица за почетници, во главно е за странски гости. Оваа тура нуди убав поглед кон двете езера, Преспанското и Охридското, а исто така убава е глетката и на самата локација на врвот каде се оди, можат да се видат трите држави, Македонија, Албанија и Грција. Гостите се импресионирани од природата, колку е зачувана, колку е неиспитана. Голем дел од нив, биле на многу места. Ако на пример, се оди на Алпите, секој би се изненадил колку е сè таму комерцијално, има толку многу луѓе, а тука има некоја мистичност. Би рекла дека мистичноста на нашите планини е нов продукт и нешто интересно за странските туристи, но и за македонските, бидејќи кај нас, планинарењето сега станува тренд.

Инпрес: Од кои држави доминираат странските посетители, кои ги користат Вашите тури?

Христовска: Бидејќи ние правиме приватни тури, некогаш се случува само по двајца да одат. Затоа, би рекла дека има туристи од секаде. Започнавме прво со холандските туристи, а сега има доста од Англија, Австрија, Полска, Русија, Бугарија, Чешка. Сме имале гости и од Кореја, од Канада доста се интересираат и исто така од САД. (Крај)

извор: Инпрес фото: Инпрес/Јасна и Ивана Христовски

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest