nikolacvetkoski

Цветкоски: Проектот за бизнис спојување на производители со ресторани од Охрид ќе се прошири во светски рамки

Охрид, 6. декември 2016 (ИНПРЕС) – Никола Цветкоски и Властимир Самолов, млади информатичари од Охрид, работат на проект на компанија која е базирана во Амстердам, а е планиран од партнерите од Холандија веќе две години.

Цветкоски дипломирал на Електро факултетот во Скопје, имал работно искуство во Скопје, а неговите следни идеи ќе ги реализира во Охрид со партнерите од Холандија. Додека Самолов студирал и работел во Љубљана, Словенија, каде дошол во контакт со холандските партнери.

Накратко станува збор за проект, каде преку интернет страници кои ги имаат основано младите информатичари, непречено ќе можат да се поврзуваат производителите со соодветните компании и фирми од услужниот сектор.

Подетално за идејата, почетокот и плановите, можете да прочитате во интервјуто на Инпрес со еден од протагонистите на концептот, Никола Цветкоски.

Инпрес: Нешто ново за охриѓани, но и граѓаните на Македонија е она што го работите Вие и Вашиот колега, засега прв ваков проект во нашата земја. Веќе започнавте со реализација на најавениот проект за пронаоѓање на локалните ресурси и нивно спојување со компании и фирми од услужниот и занаетчискиот сектор. Како тековно се одвиваат работите?

Цветкоски: Проектот е планиран од партнерите од Холандија веќе две години, а започнато е веќе еден месец. Бидејќи ние сме од Охрид, одлучивме сè да започне од тука, од Македонија, бидејќи лично одиме да се сретнеме, на пример, со производителите на свежите продукти и во рестораните, за да им го објасниме нашиот концепт и да ги запознаеме повеќе со тоа што сакаме да го направиме. Работиме од дома. Имаме неколку фрееленсери од Македонија, кои што работат на овој проект, односно остваруваат контакти со ресторани во Скопје и цела Македонија, бидејќи тука во Охрид ние веќе ги имаме покриено повеќето ресторани. Тие ги контактираат рестораните, добиваат информации за нивните специјалитети и состојките, кои ние ги поставуваме бесплатно на нашата веб страница Qloche. Од друга страна имаме договор, кој допрва треба да го верифицираме со Федерацијата на фармери на Република Македонија, за да можеме да ја добиеме цела база на производители.

Инпрес: Како ќе изгледа профилот на производителите? И како ги остварувате контактите, на кој начин, има најави дека од Македонија, ќе има проширување на проектот во странски земји.

Цветкоски: За секој производител посебно би поставиле профил на нашата страна, на Qelia би било тоа. Ќе добијат нивен профил со слики од продуктот, кој што го произведуваат, информации за нив и контакти. Моментално бараме агенти, кои би работеле на спојување на овие две работи, на производителот со ресторанот. Затоа нам нѝ се потребни состојките од специјалитетите кои ги прават во рестораните, за да дознаеме кои продукти им се потребни, за да можеме да им понудиме од наша страна дека ги имаме тие производители. Така ќе можат да добијат понуда од производителот директно. Моментално остваруваме контакти со една од најголемите компании во Англија за производство на храна таму, но сеуште сме во фаза на преговори. Исто така имаме и некои контакти во САД, па би почнале и таму, но прво да завршиме тука во Македонија, бидејќи претставници од Холандија ќе дојдат тука во јануари, па ќе може да се отвори некое претставништво. Дефинитивно, планот е да се шириме во светски рамки.

Инпрес: За граѓаните на Охрид и Макеонија би било исто така подеднакво интересно да дознаат нешто за начинот како за прв пат ги остваривте контактите со холандските партнери и како одлучивте да започнете еден ваков проект?

Цветкоски: Прво Властимир работеше со холандската компанија. Тој студираше и работеше во Словенија и дојде во контакт преку таа компанија со холанѓаните. Кога се врати во Охрид, бидејќи се познаваме како информатичари, започнавме таква соработка. Потоа нѝ го претставија нивниот проект, кој сакаат да го остварат и нѝ понудија соработка, да бидеме Team Lead. Нивна е идејата, а наше е остварување на веб страниците и менаџирањето со производителите и рестораните, потоа информирањето и контактите со луѓето. Добиваме нивна поддршка и насоки, бидејќи се сепак искусни во оваа работа. Во главно се занимаваат со water – менаџмент во Холандија, во повеќе земји издаваат како лиценци за water – менаџмент со земјишта и слично и имаат инвестициска компанија, која инвестира во идеи.

Инпрес: Кои ќе бидат бенефициите, како за Вас, така и за рестораните и производителите на храна, кои ќе произлезат од финализирањето на овој проект?

Цветкоски: Прво, како што разговаравме со готвачите и шефовите од рестораните, позитивни се реакциите за овој концепт. Исто и од Холандија добиваме такви реакции. Не се сите запознаени со сите производители, кои ги имаме, на пример, од охридскиот регион. Многу од нашите ресторани од Охрид, земаат производи од другите градови, а не се запознаени со производителите од овој регион. Производителите, пак, не се експонирани доволно за да бидат запознаени рестораните со нивните производи. Кај нас ќе биде бесплатно нивното поставување на страницата. Ќе можат рестораните да добијат информација кои се производители од охридскиот регион. Има можност цената на откуп, за разлика од дистрибутерите од другите градови, да биде помала и ќе одат директно на разговор со производителот на овој продукт. Тоа ќе биде добро и за производителите и за менаџерите и сопствениците на рестораните. Холанѓаните сакаат да се врати малку постариот начин на производство. Имаат искуство со оваа работа таму во Холандија, па затоа сакаат да почнат во светски рамки.

Инпрес: Спомнавте за првичните реакции на луѓето дека се позитивни. Но, колку се подготвени да се впуштат во Вашиот концепт? Во секој случај, сепак станува збор за еден вид, „позитивен ризик“. Колку покажуваат луѓето интерес за соработка?

Цветкоски: Сеуште сме на почеток на овој проект, пак ќе спомнам, но сме подготвени да се вложуваме максимално во целите кои сакаме да ги оствариме, а во контактите со нив, да сме им достапни постојано. Од Охрид, можеме да ги спомнеме дека веќе ја имаме поставена „Градинар“, од Скопје, „Камник“ винаријата и како производител на органска храна, бидејќи го имаат тоа сега покрај винаријата и имаат свој Hunter Lodge ресторан во скопскиот регион. Тоа е еден вид supply chain (ланец на набавка), кој што го имаме направено. Тие имаат ресторан и си имаат свое производство. Па, носат во ресторанот од сопствените производи, исто како и со виното. Исто во Охрид, ќе го спомнам примерот со ресторан „Европа“, ги имаме поставено на нашата страна нивните специјалитети и за нивниот профил, бидејќи тие имаат свое производство во Охридскиот регион, значи продуктите во ресторанот, се нивно, домашно производство. За тоа колку се подготвени луѓето, не можам да кажам дека не сме наишле на скептични луѓе. Но, кога ќе наидеме на таква реакција, се трудиме максимално да објасниме дека сакаме да се погрижиме за нивната експонираност.

Инпрес: Дали размислувате за проширување на тимот, бидејќи во секој случај имате потенцијал за ширење на концептот и самиот проект?

Цветкоски: Сакаме и тимот да го прошириме. Имаме извори за рестораните, исто така и за Qelia. Qelia е страница на која се поставени на една страна профилите кои имаат производство, а друг дел е за регионите. На пример, како што кај нас Преспанскиот регион е познат по производство на јаболки, Тиквешкиот со лозје, Охридскиот со црешите, така, како такви региони, имаме општо за производството во регионот и производителите од тој регион. Таа е замислата за таа страна и потоа да се направи спој. Агентите би работеле на спојување на овие две работи, на сите оние на кои им е потребен производот, од луѓето кои го произведуваат. На двете веб страници, од страна имаме side bar (странична лента), каде луѓе кои би сакале да се промовираат кај некој ресторан, да можат тие да видат дека некој е производител и да можат да го контактираат. Од страна исто така, си стојат линкови, кога некој го посетува ресторанот да види линк од производството и обратно.

Инпрес: Кога го започнувавте сето ова со Вашиот колега Властимир, дали си поставивте некој временски период, или реализирањето на целите го гледате како долгорочен план?

Цветкоски: Дефинитивно, на долгорочен, бидејќи не се брзаме, сакаме да ја направиме оваа работа како што треба. Доволно сме активни, постојано во контакти со луѓе, и ние сакаме луѓето да нè запознаат. Сакаме да се направи сè добро како што е замислено, постојано се менуваат некои работи, добиваме предлози од компанијата во Холандија, а исто така и некои кампањи кои сакаме да ги направиме. За Qloche сакаме да започнеме кампања, која би била Фејсбук кампања. Секој месец би доделувале награда, како вечера за двајца во кој било ресторан во светов, какво јадење сакаат да си одберат клиентите. Тоа би било спонзорирано од нашата организација.

Инпрес: Тоа се одлични идеи, кои планирате да ги воведувате, а секако се привлечни за граѓаните. Страниците функционираат наменски, прегледни се, за да бидат достапни за што поширок круг на луѓе. Една мала описна презентација како изгледаат страниците?

Цветкоски: Овие веб страниците се како некој прототип на тоа што сакаме да го направиме. Кога масовно би имале производители и присуство на ресторани, секако дека планираме концептот да остане ист, но изгледот би го промениле малку. Поддршката за страницата би била поинаква малку. За Qloche конкретно можам да кажам дека таа е страница за рестораните и нивните специјалитети. Имаме специјалитет, кој ресторанот мисли дека го прави најдобро. Се поставува јадењето со главните состојки. Има двонаменска цел таа страна, доколку некој е посетител на Охрид, ќе може да види кои се најдобрите јадења во еден ресторан. Посетителите можат да остават информација дали им се допаднало јадењето, услугата на ресторанот. Главниот акцент го ставаме на јадењето. Од друга страна, Qelia како што напоменав предходно, е глобално за регионот и производителите внатре во регионот. Страниците се 99% средени. Имаме Твитер, Фејсбук и Инстаграм.

Инпрес: Еден посебен дел од целиот Ваш проект го наменивте за Општинското Угостителско Туристичко Училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид. Од што се состои соработката?

Цветкоски: Моментално постигнуваме договор за соработка со угостителското училиште, така што би добиле пет до десет ученици, кои би биле со нас, заедно со нас би оделе кај производителите и рестораните, зависно од нивните амбиции. Доколку се одлучат за рестораните, би добиле референца за извршена пракса од компанијата од Холандија, бидејќи тие имаат меморандум за соработка со асоцијација на неколку факултети за туризам и угостителство од светот. Охридските ученици би добиле референца за извршена онлајн пракса. (Крај)

извор: Инпрес фото: Инпрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest