ilijaristeski

Ристески: Препознатливо е древното источно православно пеење кое го практикува хорот „Свети Климент Охридски“

Охрид, 27. декември 2016 (ИНПРЕС) – Источно – православниот црковен Византиски хор „Свети Климент Охридски“ од Охрид годинава одблежува една деценија од постоењето.

Носејќи го името на светителот, патронот на Охрид, хорот беше вклучен во многу активности за одбележување на годинешниот јубилеј 1 100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски.

Верниците го препознаваат хорот, кој преку древното источно православно пеење на празниците им дава дух и повикува на сплотеност.

Инпрес Ви го пренесува интервјуто со Илија Ристески, водач на хорот „Свети Климент Охридски“, кој работи како дел од Дебарско-кичевската епархија.

Инпрес: Колку верниците Ве препознаваат како црковен хор и колку сметате дека Вашето присуство дава значење за одбележувањето на верските празници во црквите каде што пеете?

Ристески: Пред сè се работи за црковен хор. Ние секоја недела и за поголемите празници пееме во црквите низ Охрид, за потребите на Епархијата, така да, верниците нè препознаваат. Секој кој присуствува молитвено и литургиски на богослужбите во црквите има можност да го слушне древното источно православно пеење.

horsvetkliment1

Инпрес: Колку често се состанувате и каде имате проби?

Ристески: Хорот, за официјални настани, настапува под името Источно – православен црковен Византиски хор „Свети Климент Охридски“ од Охрид. Хорот настапува на разни настани, пред сè, црковни јубилеји, промоции на книги, отворање на галерии и изложби, државни и општински празници, на разни настани. Во зависност од потребата, може да се каже дека црковниот хор е поделен на две групи, една група пее во црквата „Свети Никола“ во Долна Влашка Маала, а другата група активно пее во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, каде што се одржуваат проби, а имаме и еден вид курс за црковно пеење во самата црква. По два три пати во неделата се одржуваат часови, каде е обостран интересот и кај помладите и кај повозрасните, односно, кај верниците и сите кои го сакаат тоа древно источно православно пеење.

Инпрес: Овој начин на древно источно православно пеење има свои посебни карактеристики. Кој е главниот елемент на техниката на ова пеење и како се развивала од самото нејзино појавување, паралелно со појавата на христијанството?

Ристески: Пред сè, ова е вокално двогласно пеење, црпи корени уште од најраната црква времето на Христос, од времето на Апостолите. Тогаш, како што знаеме, во првите векови, црквата била прогонувана и древните христијани немале многу можности, се криеле во катакомби и живееле поскриено и тајно. После 3-от век, за времето на Цар Константин Велики (313)год., кој го дава тој Милански Едикт, тогаш едноставно христијаните добиваат слобода, така да и самото црковно пеење си добива една позитивна димензија и свој развој. Секоја уметничка гледна страна, си добива своја насока. Се градат прекрасни архитектонски зданија, кои и до ден денес ги има по светот, во широки рамки, има древни мозаици, древни обемни ранохристијански цркви, ранохристијански базилики, така да и црковното пеење си зазема свој замав од тој период и постепено се развива. Ние, како што спомнав, го користиме тоа источно православно црковно пеење, кое е пред сè пеење на црквата и е составено од светите отци на црквата. Самото пеење си има свој развиток, издигнувања и падови. Ние денеска користиме невматско писмо, тоа се ноти, музички симболи, или знаци, кои се редактирани, или реформа е извршена во 1814 година и е прифатено од Цариградската патријаршија како официјално пеење на православната црква и до ден денес го практикува целиот православен свет. Кај нас, за жал, одреден период тоа беше занемарено, но сега масовно се практикува и враќа тоа пеење.

horsvetkliment2

Инпрес: Колкумина сте членови моментално во хорот „Свети Климент Охридски“? Колку што е познато на јавноста, имате мешани членови по возраст и пол.

Ристески: Конкретно можам да зборувам за црквата „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“, бидејќи сум дел од таа црковна заедница. Таму имаме мешан хор, составен и од деца и од возрасни, и од женски и машки вокали. Таму пееме во зависност, околу десетина луѓе. А официјалниот хор брои од 6 до 12 членови, во зависност од тоа каква потреба има, така и се организираме.

Инпрес: Потребни ли се некои посебни предиспозиции за да се членува во Источно — црковно православниот Византиски хор „Свети Климент Охридски“ од Охрид?

Ристески: Јас во таа насока и би апелирал, доколку има заинтересирани верници, можат да се приклучат, бидејќи во самата црква „Успение на Пресвета Богородица – Каменско се одржуваат такви курсеви по црковно пеење. Секој може да се пријави таму, ништо посебно не е потребно, за секој верник, малку талент, да се има малку слух и да се познава мелодијата. Другото, се постигнува со работа.

Инпрес: Два големи јубилеи ги одбележувате практично годинава, една декада од постоењето на Источно — црковен православен Византиски хор „Свети Климент Охридски“ и јубилејот 1 100 години од Упокојувањето на Свети Климент Охридски. Воедно и самиот хор го носи името на светителот. Со какви активности ги одбележувате јубилеите?

Ристески: Ние сакаме да го задржиме тоа име на хорот „Свети Климент Охридски“, иако има повеќе хорови, кои го носат тоа име. Оваа година е значајна како за охриѓани, така и за цела Македонија. Наш покровител е Свети Климент Охридски, а со бројни манифестации се одбележа 1 100 годишнината од неговото блажено упокојување. Црквата достоинствено си го прослави овој јубилеј, со бројни црковни настани, промоции на книги и друго. Ние како хор, настапивме годинава на Охридско лето, одбележувајќи го на таков начин јубилејот. Хорот инаку активно работи десет години.

horsvetikliment4

Инпрес: Кокнректно за музичкиот проект на Горан Трајкоски – „На светот убавина“ за затворањето на Охридско лето, беше наменето и следното прашање. Како дојдовте до соработката со Трајкоски?

Ристески: Тоа беше проектот „На светот убавина“ театарска музика, која ја создал Горан Трајкоски, во период од десетина години. Таму настапивме на затворањето на фестивалот. Фактички со Горан Трајковски се познаваме одреден период и ова ни беше втора соработка. Првата соработка ни беше исто така на Охридско лето во 2013 година, кога настапивме со истиот хор, исто така на затворањето на фестивалот. Таа претстава беше според делото на Достоевски – „Браќа Карамазови“, во режија на Дејан Пројкоски, а театарската група „Марин Држиќ“ од Дубровник – Хрватска. Музиката ја правеше исто така Горан Трајкоски, а ние настапивме како хор во одредени делови. Од тоа предходно искуство, така и годинава нè поканија на наше големо задоволство. Тој во својата авторска музика користи доста изворни црковни византиски мелодии какви што има и во овој проект „На светот убавина“, така и за нас имаше простор да се вклопиме во овој проект на одредени песни. Инаку Горан Трајкоски е една личност која има оставено голем белег во македонската уметност, музиката и театарот, и сеуште твори. За нас е големо искуство и нѝ беше мило да соработуваме со него. (Крај)

извор: Инпрес фото: Инпрес/Хор Свети Климент Охридски

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest