ivanov1

Иванов: Лидерите од соседството може да учат од македонскиот инклузивен демократски модел

Струга, 28. јануари 2017 (ИНПРЕС) – „Отворањето на старите рани и мешањето во внатрешните работи на државите може да ги загрози добрососедските односи“, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во обраќањето по повод приемот за членовите на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Македонија, кој се одржа во Струга.

– Ние на Балканот го чувствуваме отсуството на Европската Унија и на НАТО, што може да ја загрози стабилноста на Балканот. Во последниов период слушаме реторика и гледаме постапки кои по многу нешта потсетуваат на периодот што мислевме дека е далеку зад нас – периодот на распадот на една заедничка поранешна држава. Долго време не ги коментирав изјавите и постапките на некои политичари од соседството затоа што верував дека само со игнорирање можат да се изолираат, посочи претседателот Иванов.

Во говорот пред амбасадорите претседателот Иванов ги истакна придобивките на македонскиот инклузивен демократски модел.

– Затоа, на некои лидери од соседството би им препорачал и тие да се соочат со вистината за етничката, религиската и јазичната различност на нивните општества. Би им препорачал да поведат повеќе сметка за етничките, религиските и јазичните заедници кои живеат во нивните држави, во согласност со врвните меѓународни норми и стандарди. Подготвени сме да им помогнеме на тој план со нашите позитивни искуства и научени лекции, порача македонскиот претседател.

На дипломатскиот прием се обрати и доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Руската Федерација Олег Шчербак.

– Пред месец дена и рековме збогум на 2016 која беше многу тешка и болна за целата меѓународна заедница, која поради хроничната, заемна недоверба, конфликтна интерпретација на меѓународното право и основните принципи на суверенитет и независност, невидено досега големо ниво на двојни стандарди и медиумски војни, не успеа да се обедини во војната против вистинските закани и предизвици – меѓународниот терроризам, илегалната миграција, јазот помеѓу богатите и сиромашните, климатските промени и нестабилната светска економија, рече Шчербак.

Во рамки на дипломатскиот прием, претседателот Иванов и членовите на дипломатскиот кор денес ќе ја посетат општина Вевчани, црквата „Св. Никола“ и Вевчанските извори. (Крај)

извор: А1он фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest