jolevskiforumsenatsad

Јолевски: Безбедноста на Балканот е неделлива од безбедноста на Европа

Вашингтон, 01. февруари 2017 (ИНПРЕС) — Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, кој се наоѓа во работна посета на САД, оствари повеќе средби со претставници на Пентагон, Стејт Департментот, Сенатот, Конгресот и Тинк-Тенк институциите.

Во рамките на посетата, Јолевски учествуваше на Безбедносниот форум, на тема „Глобалниот Тероризам и Сајбер заканите“ кој е во организација на Сенатот на САД, а на кој домаќин беше Сенаторот Џим Инхоф. Учесници беа неколку сенатори и конгресмени, како и високи поранешни и актуелни функционери и претставници од САД, Европскиот Парламент, повеќето балкански земји, како и од Германија, Романија, Пакистан и Турција.

Во рамки на форумот Министерот Јолевски имаше свое обраќање каде истакна дека Балканот припаѓа на Евроатланскиот регион и неговата безбедност е неделлива од безбедноста на Европа.

Глобалните закани и предизвици силно се испреплетени и влијаат на заедничката безбедност. Тој укажа на потребата од интензивирање на соработката на безбедносните структури во Европа со цел поефикасно справување со сегашните и идните предизвици.

– Република Македонија, како и останатите земји од регионот имаат голема и важна улога во менаџирањето на мигрантската и бегалската криза, која ја зафати цела Европа, додаде Јолевски.

Јолевски истакна дека ако се земе предвид актуелната геополитичка ситуација во светот, Европа и Балканот, потребно е да се преземат стратегиски чекори. Интеграцијата на земјите од југоисточна Европа е еден од тие стратегиски чекори. Знаеме дека постојат одредени критериуми или услови што треба да се исполнат, земјите од регионот се подготвени да работат на нивно исполнување, но потребно е што побрза нивна интеграција во колективните одбранбени системи.

Присутните сенатори и конгресмени истакнаа дека САД остануваат посветени на соработката со Европа, која е стратегиски партнер во борбата против тероризмот и сајбер заканите. Ова претставува приоритет на претседателот Доланд Трамп и неговата администрација. Ново поставениот секретар за одбрана и советник за национална безбедност се гаранција за успех во справувањето со овие безбедносни закани. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest