Vesnik Ilinden

Пет години весник на македонски јазик – „Илинден” во Албанија

Тирана, 7. февруари 2017 (ИНПРЕС) – Пред пет години, како двоброј за февруари и март, беше испечатено првото издание од весникот „Илинден”, издание на истоименото македонското друштво од Тирана.

Во изминатиов период, весникот предизвика голем интерес кај читателската публика во Албанија, но и меѓу македонската дијаспора ширум светот.

Во петгодишниот период, весникот прерасна во медиум кој со сериозноста и пристапот во објавувањето на темите, е интересен и корисен за македонско националното малцинство во Албанија, но и за промоција на активностите на македонската дипломатија во правец на подобрување на животот на македонското население вон границите на својата матична држава.

– Нашата мисија е да го одржуваме и поттикнуваме македонскиот идентитет во Република Албанија, што преку културниот израз целосно се остварува. Сакаме да веруваме дека ваквата активност ќе биде соодветно поддржана од државните институции како во Република Албанија така и во Република Македонија, но и од Македонците ширум светот. Им се заблагодаруваме на сите свои соработници, кои несебично помогнаа во конципирање на тематската и визуелната содржина на весникот. Воедно, Редакцијата се заблагодарува и на читателската публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот покажа дека тој навистина ја допре сржта на проблемите на Македонците во Албанија, вели претседателот на Македонското друштво „Илинден” од Тирана, Никола Ѓурѓај. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest