makedonijarusija

Македонските производи стануваат препознатливи брендови на рускиот пазар

Скопје, 16. февруари 2017 (ИНПРЕС) – Македонска-руска стопанска комора очекува годинава да продолжи високиот раст на македонскиот извоз во Руската Федерација, особено од агрокомплексот, прехранбената, хемиската, фармацевтската  и индустријата на пијалаци.

Таквото очекување го потврдува и исклучително успешниот настап на македонските компании на најголемиот саем за широка потрошувачка во Руската Федерација и во Југоисточна Европа „Продекспо 2017“ што  се одржа од 6 до 10 февруари во  Москва. Интересот  што притоа  го покажаа  руските увозници и дистрибутери,  ги подгреваат надежите за поголемо присуство на македонските стоки во руските трговски маркети, дури со раст поголем од минатогодишниот кога  извозот  скокнал дури за 39,5 отсто.

– Во 2016 годинава Република Македонија и Руската Федерација оствариле меѓусебна трговска размена од 191,9 милиони долари што во споредба со претходната 2015 година кога вкупното тргување изнесувало 189 милиони долари бележи раст од само 1,5 отсто. Но, структурата на размената покажува позитивни тенденции за македонското стопанство. Република Македонија лани  го зголемила извозот во Руската Федерација за 39,5 отсто, а увозот го намалила за 7,2 отсто во споредба со 2015 година. На рускиот пазар во 2016 година македонските компании  пласирани стоки во вредност од 48,9 милиони долари (преклани  35 милиони долари), а од таму се увезени производи за 142,9  милиони долари (преклани 153,9 милиони  долари), истакна Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руската стопанска комора.

Од 2011 година започна и поинтензивниот пласман на македонското вино на големиот руски пазар. Во 2012 година на овој пазар извозот достигна 972,161 литри наливно вино, за да следната година го достигне рекордот од 1,3 милиони литри наливно вино во вредност од 563.562  евра. Во оваа година забележан е рекорден  извоз и  на вино во шишиња. Пласирани се  494.880 шишиња  вино  во вредност од половина милион евра.

– Веќе четврта година извезуваме во Русија каде имаме пласирано еден милион шишиња од најзначајните брендови на винаријата „Стоби“.Презентацијата на Македонија како винска земја треба да продолжи  со оглед на фактот дека квалитетот што го нудиме е на рамниште со производите од  сите останати вински земји во светот, нагласи Јадранка Клариќ Кимовска, комерцијален директор на винаријата  „Стоби“ од Градско.

Млекарата „Здравје“ од Радово  речиси 1,5 година интензивно, ангажирано и мотивирано работеше на влез на  рускиот  пазар.  Тие    напори  беа  крунисани  на  крајот  на  2016  година  со потпишување на договор и реализација на првиот извоз од 5 тони млечни производи.

– По одличниот првичен feedback,  месецов  се реализира втората пратка, а веќе ја подготвуваме и третата за крајот на март. Се работи за висококвалитетнимлечни производи  од  тврдата  програма  на  „Здравје“,  која  ги  вклучув уникатните овчо сирење и кашкавал кој може да се најдат на полиците на премиум ритејлерите во Москва.Покрај  продлабочување  на  соработката  со  нашиот  прв  клиент,  од „Продекспо  2017“  на наше огромно задоволство се враќаме со нов, втор потпишан договор за извоз, како и 3-4 потенцијални клиенти со кои допрва следува процес на договарање, а ние се надеваме со позитивен исход, истакна Панделе Панделески, извршен директор на „Здравје“ од  Радово. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest