prilepski teatar

Театарот „Војдан Чернодрински“ ќе одбележи 67 години од формирањето

Прилеп, 17. февруари 2017 (ИНПРЕС) – Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, со прикажувањето на претставата „Хамлет од Горно Дупени“ во режија на Кирил Петрески, и со детската претстава „Сонувачот, купувачот и уште нешто“ во режија на Игор Трпчески, ќе одбележи 67 години од формирањето.

Театарот започнал со работа на 18 февруари 1950 година со изведбата на претставата „Кир Јања” од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски.

Во изминатите години театарот растеше и се развиваше, за да сега е еден од најперспективните во Македонија, докажано со бројните театарски претстави кои беа прогласени за најдобри не само на МТФ „Војдан Чернодрински“, туку и на фестивалите надвор од Македонија, како што се МЕСС и ЕКС ПОНТО.

Денес во театарот има ансамбл со одлични актери кои годишно реализираат по 3-4 премиери, а одигруваат по стотина претстави. Досега биле прикажани над 370 премиери, одиграни се околу 9000 претстави, кои ги гледале над два милиони посетители.

– Продолжуваме по зацртаниот пат – да бидеме најдобри, да дарувуваме многу претстави, многу смеа, радост од сцената, а за возврат ги очекуваме апалузите од публиката, велат од ЦК „Марко Цепенков“, во чии рамки е театарот.

Моментално на сцената се поставува ,,Ништо без Трифолио“ од Русомир Богдановски, во режија на Кoле Ангеловски, што премиерно ќе се одигра кон крајот на март. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest