Во Холандија отворена изложба на македонскиот сликар Ѓоко Ризов

Амстелвен, 24. февруари 2017 (ИНПРЕС) – Во културниот центар „П60“ во Амстелвен, Холандија, синоќа беше отворена изложбата на македонскиот сликар Ѓоко Ризов.

На изложбата се презентирани 12 дела од неговата работа, направени во техника масло на платно, а истата беше посетена од бројни љубители на уметноста од Холандија и предизвика голем интерес кај тамошната публика.

Изложбата ја отвори македонскиот амбасадор во Холандија, неговата екселенција Игор Попов, кој за Ризов истакна дека е особено талентиран македонски сликар, кој инспирацијата ја црпи од секојдневието, луѓето и сите нешта кои секојденевно не опкружуваат, видени од поинаква перспектива.

Особено интересен циклус кај Ризов е еко-тридемензионалната слика, која ја создава како спој на колажни техники од: масло на платно и елементи од природата. Ваквите слики доминираат во просторот, со импресивниот спој на камења, дрва, стакло, метал, со силни пастелни бои кои ја дополнуваат изразноста на чувството.

Вчерашната изложба беше посетена и од бројни претставници од јавниот и културен живот на Амстелвен и истата ќе биде отворена до први април, 2017. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива