janaburceska

Промовирана Евровизиската песна на Јана Бурческа (Видео)

Скопје, 11. март 2017 (ИНПРЕС) – „Dance Alone“ е насловот на Евровизиската песна со којашто Јана Бурческа ќе ја претстави Македонија на 62-тото издание на Изборот на Песна за Евровизија коешто ќе се одржи во Киев, Украина од 9-ти до 13-ти мај.

Вчера песната беше промовирана на првиот канал на Македонската радио телевизија во емисијата „Стисни Play“.

Песната „Dance Alone“ е оригинално авторско дело на Joacim Perrson, Alex Omar, Florence A. и Bobi-Leon Milanov, сите дел од SYMPHONIX INTERNATIONAL, реномиран музички бренд кој низ годините има остварено значајни евровизиски достигнувања, како и соработки со светски познати артисти, меѓу кои Kelly Clarkson, John Legend, Kylie Minogue, Lady Gaga, Mary J. Blige, Miley Cyrus, Selena Gomez, Armin Van Buren, Conchita Wurst, Alexandra Stan и Jamiroquai, а дел од авторите на SYMPHONIX INTERNATIONAL беа потписници и на „Лисја Есенски“ на Даниел Кајмакоски.

Видео спотот за „Dance Alone“ е работен според оригинална идеја и режија на младиот и талентиран режисер од Русија, Сергеј Железко, којшто работи за „Бојана Филм“ во Софија, кадешто и беше снимено видеото.

Веќе се работи и на осмислување на кореографијата и сценскиот настап за Јана Бурческа.

За стајлингот на Јана ќе биде задолжена Антонија Ристовска, истакната македонска дизајнерка.

Македонската Радио Телевизија и годинава се погрижи нашиот претставник да има богата промотивна турнеја, па Јана ќе ја промовира „Dance Alone“ на најголемите евровизиски промотивни концерти во Лондон, Тел Авив и Амстердам.

Јана Бурческа настапува на 11-ти мај во првата половина на Второто Евровизиско полуфинале, а дополнително се очекува од продуцентите на шоуто да биде одреден и конечниот редослед. (Крај)

извор: МРТВ фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest