Svetski-den-na-tuberkuloza

Минатата година во Македонија регистрирани се 25 деца со туберкулоза

Скопје, 24. март 2017 (ИНПРЕС) – Под мотото „Здружени да ја елиминираме туберкулозата – никој да не биде заборавен” денес се одбележа Светскиот ден за борба против туберкулозата, 24 март, во Република Македонија.

По тој повод, беше одржана прес конференција, организирана од Националниот Координативен Механизам во соработка со Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза и Министерството за здравство, на која беа презентирани достигнувањата, новитетите и предизвиците поврзани со туберкулозата.

Одбележувањето на Светскиот ден за борба против туберкулозата е глобален настан, и негова цел е да се подигне свесноста за оптеретеноста со туберкулоза во целиот свет, да се потенцираат можностите за превенцијата и за контрола на болеста која иако може да се лекува и да се излекува, сè уште претставува епидемија од огромни размери во поголем дел од светот. Според Светската здравствена организација, само минатата година 10.4 милиони луѓе биле заболени од туберкулоза.

Светскиот ден за борба против туберкулозата е можност насекаде во светот да се допринесе во борбата против истата со што поголема едукација и со влијание на одговорните структури во општеството да преземат ефикасни активности. Затоа мотото под кое Светската здравствена организација го одбележува светскиот ден во 2017 година е „Здружени да ја елиминираме туберкулозата – никој да не биде заборавен”.

Во Република Македонија се применуваат најновите стандардни за дијагностицирање, лекување и превенирање на туберкулозата, кои се инкорпорирани во Националната стратегија за туберкулоза. Благодарение на усогласените активности и мерки за контрола на болеста во нашата земја, од 2002 година до денес бележиме континуирано и постепено намалување на вкупниот број на новооткриени случаи со ТБ.

Во 2016 година регистрирани се 267 случаи со туберкулоза со стапка од 12,9/100 000 население, што е за 17 случаи помалку во споредба со 2015 година кога бројот на новорегистрираните изнесуваше 284 со стапка од 13,7/100 000 население.

Епидемиолошката состојба со туберкулоза во Македонија во 2016 година, покрај намалувањето на инциденцата, се карактеризира со следните индикатори, како што се:

– Стапката на смртност во 2016 е 1,1 или 23 лица кои се на постара возраст и со коморбидитети и е нешто незначително зголемена во однос на 2015 година кога изнесува 0,9/100000 население или 18 смртни случаи со туберкулоза.

– Постепено се намалува и бројот на лицата кои повторно се разболуваат од туберкулоза и нивната процентуална застапеност од 15,2 % во 2011 година, во 2016 година се намалува на 8,6 % или 23 повторно лекувани случаи со туберкулоза наспроти 244 нови случаи (91,4%) од вкупно 267.

– Во 2016 година регистрирани се 25 деца со туберкулоза или 5,8% од вкупно регистрираните со стапка 9,3/100 000 население, што е повисока во споредба со 2015 година кога беа регистрирани 14 деца болни од ТБ, кои претставуваат 4% од вкупниот број болни од ТБ.

– Туберкулозата во Македонија сè уште е болест на младата популација, и во тек на изминатите години најмногу застапени беа лицата на возраст од 25-45 години. Во тек на 2015 година бележиме поместување кон постарата популација што претставува добар прогностички индикатор така што во 2016 најголем број од болните – 16,5% се на возраст над 65 години (44 лица) потоа следи возраста 25-34 години – 16,1% (43 лица).

– Од туберкулоза сè уште почесто заболува машката популација: во 2016 година 169 болни ( 63,3 %) се од машкиот пол а 98 (36,7%) од женскиот пол. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest