pro_ars_hor_640x360

Концерт на хорот „Про Арс“ на Денови на македонската музика

Скопје, 7. април 2017 (ИНПРЕС) – Во склоп на 40-те по ред Денови на македонската музика, вечерва во Музејот на град Скопје, ќе биде одржан концерт на камерниот мешан хор „Про Арс“, под диригентската палка на Сашо Татарчевски.

На програмата ќе бидат дела од Стефан Гајдов, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Властимир Николовски, Благоја Ивановски, Драган Шуплевски, Димче Николески, Сотир Голабовски и Стојан Стојков, а премиерно ќе биде изведена и композиција на Вања Николовски – Ѓумар, наградена на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура.

Почетокот на концертот е во 20 часот.

Професионалниот мешан хор „Про Арс“ е формиран 2011 година од диригентот Татарчевски по повеќегодишно делување во сферата на хорската уметност и анализа која укажа на недостаток на еден ваков ансамбл, кој професионално и пред сѐ, квалитетно ќе одговори на потребите на музичката сцена кај нас.

Посебен акцент и посветеност се дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнувањето на младите автори за пишување нова хорска музика.

Од 2016 година хорот започна и со својата меѓународна активност преку успешните настапи во Солун и Софија. (Крај)

извор: Инпрес  фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest