pretstavniciunesko

Васиљевиќ: Целта на посетата е да се видат напорите во заштитата на наследството и спроведувањето на забелешките од УНЕСКО

Скопје/Охрид, 13. април 2017 (ИНПРЕС) – Целта на посетата во Охрид е да се добијат информации и да се видат напорите, проектите и напредокот во нивната имплементација од страна на централната, но и од локалната власт, во заштитата на културното и природното наследство и спроведувањето на забелешките од УНЕСКО од минатата година на 40-тата седница одржана во Истанбул, вели Маја Васиљевиќ од Меѓународната унија за конзервација на природата.

По извршениот мониторинг од страна на мисијата, како и по состаноците и консултациите, ќе бидат презентирани нивните натамошни насоки и препораки.

Експертската мисија на УНЕСКО во изминатите денови оствари и работни средби со повеќе надлежни институции. Во рамките на посетата на Охрид, експертите од УНЕСКО ги посетија локалитетот Плаошник, црквите „Св. Богодорица Перивлепта” и „Св. Софија”, Галеријата на икони, Античкиот театар, локалитетот „Манчевци” и повеќе објекти на кои се преземени конзерваторски активности, како и националниот парк „Галичица“, но и неколку точки од локациите предвидени за реализација на инфраструктурните проекти А2 и А3, како и избрани точки од локациите предвидени за реализација на инфраструктурниот проект железничка делница на Коридор VIII.

Членовите на мониторинг-мисијата на УНЕСКО составена од претставници на Центарот за светско наследство на УНЕСКО и експерти од советодавните тела на Центарот, Меѓународниот совет за споменици и места (ИКОМОС) и Меѓународната унија за конзервација на природата (ИУЦН) кои од 9 до 14 април реализираат реактивна мониторинг-мисија во Охридскиот Регион, денеска остварија работна средба со Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

Мисијата е во состав: Ана Сидоренко, претставник од Центарот за светско наследство на УНЕСКО; Маја Васиљевиќ од Меѓународната унија за конзервација на природата и Пјер-Мари Трико, претставник од ИКОМОС. Тие во изминатите денови активно реализираа средби со надлежните институции во насока на извршување увид во спроведените активности на терен и оцена колку се рeализирани препораките на УНЕСКО донесени во Истанбул, минатата година на состанокот на Комитетот на светско наследство.

Министерката за култура Канческа-Милевска на средбата со експертите од УНЕСКО истакна дека Министерството за култура заедно со Националната комисија на УНЕСКО беше координатор на сите активности по кои требаше да се постапува согласно со Одлуката на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО. Експертите од УНЕСКО ги разменија своите размислувања околу актуелните проекти кои се реализираат во Охрид и кои се однесуваат на заштитата на културното и природното наследство, меѓу кои се и изградбата на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник и заштитата на старото охридско јадро. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest