SDC15939

Мотиви од луѓе и природа презентирани на изложбата на фотографии „Априлска средба“ од тројца автори

Охрид, 20. април 2017 (ИНПРЕС) – Во вилата „Мал Свети Климент“ пред широк аудиториум беше отворена изложбата на фотографии од тројца автори, насловена „Априлска средба“.

Беа изложени по десет уметнички фотографии на Лидија Стефановска, Иван Узунов и Махмуд Рамадан.

Лидија Стефановска, поетеса и фотограф, во последните пет – шест години активно се занимава со фотографија. Желбата за фотографијата кај неа е надополнета со љубовта кон естетиката и повеќе видови на уметност.

– Главна инспирација ми е Охрид, каде и да се свртам, Охрид ме следи, од кајчиња, до лебедите галебите, луѓето… Десетина години се занимавам со фотографија, а активно последните пет-шест години. Многу малку ги доработувам фотографиите, околу острината и длабочина, исправување на фотографијата. Селекцијата на фотографиите за оваа изложба ја правеше Димче Коруновски од Фото клуб „Охрид“. На фото клубот им благодарам многу, членувам во клубот три-четири месеци, вели Стефановска.

SDC15941

На прашањето, дали субјективно му прави разлика кога станува збор за црно – бела или фотографија во боја, Иван Узунов објаснува дека повеќе се фокусирана на други елементи. Неговите фотографии кои беа изложени на синоќешната изложба, се направени во Полска, Америка и Норвешка.

– Приказната кај фотографијата ми е најважна. Кога ќе видам некоја фотографија, сакам да видам што сака да каже авторот. Некои моменти подобро се пресликани во црно – бела фотографија, а некои во боја, така да, тоа е во завосност од моментот. Не поминувам многу време во едитирањето и доработката на фотографиите, би рекол, до две минути од фотографија, не додавам некои специјални ефекти, потенцира Узунов.

Махмуд Рамадан е од Египет, а студент на Универзитетот за информатички науки и технологии, а охриѓани често можат да го забележат како ги документира локациите на Охрид.

– Многу ми е мило што сум дел од оваа изложба. За прв пат изложувам фотографии во Охрид, среќен сум, додава Рамадан.

Настанот е во организација на Фото клуб Охрид. (Крај)

извор: Инпрес фото: Инпрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest