Годинешни добитници на наградата „Струшко слово“ се Мујо Бучпапај, Жарко Милениќ и Панде Манојлов

Струга, 24. април 2017 (ИНПРЕС) – Годинава на литературната манифестација „Струшки книжевни средби“, ќе им биде доделена наградата „Струшко слово“ на тројца автори: албанскиот поет, есеист и критичар Мујо Бучпапај, босанско-херцеговачкиот книжевник Жарко Милениќ, поет, есеист, преведувач, критичар и македонскиот публицист, поет, преведувач и литературен критичар Панде Манојлов.

Наградата ја доделуваат Културниот центар „Бран“ и ревијата за книжевност „Бранувања“.

– Наградата „Струшко слово“ на Мујо Бучпапај му се доделува за особени заслуги во неговото творечко дело, прогресивната мисла и зближувањето на албанско-македонското културно пријателство. На Жарко Милениќ наградата „Струшко слово“ му се доделува за особени заслуги во градењето на непромостивото пријателство меѓу авторите и државите на Балканот и пошироко. На Панде Манојлов наградата „Струшко слово“ му се доделува за особени заслуги во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура и книжевниот пробив во Македонија, арапскиот свет и пошироко, велат од организациониот одбор на манифестацијата.

zarkomilenik

Современиот албански поет, есеист и критичар Мујо Бучпапај е еден е од втемелувачите на политичкиот плуразлизам и на слободниот печат во Албанија (1990). На македонски јазик публикувана му е стихозбирката „Невидлива победа“ (2012, Скопје).

Жарко Милениќ (1961, Брчко, Босна и Херцеговина) е поет, раскажувач, романсиер, автор за деца и млади, драмски писател, книжевен критичар и есеист, антологичар и преведувач. Бил извршен уредник на списанието „Книжевна Риека“, а сега е главен и одговорен уредник на „Збор“ (Ријеч, Брчко). Член е Друштвото на хрватските писатели и на Друштвото на хрватските писатели на Херцег Босна.

Панде Манојлов е македонски современ поет, прозаист , критичар и новинар. Роден е на 2 мај 1948 година во селото Породин, битолско. Во македонската литература се појавува 1967 година. Автор е на близу триесеттина книжевни дела песни, раскази, театарско-есеистички трудови и др. Застапен во антологии во земјата и странство. Добитник е на повеќе значајни награди од областа на литературата. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, член на Македонското научно друштво – Битола, член на Друштвото на независни писатели на Бугарија, почесен член на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија, како и член на асоцијацијата на писателите од Калифорнија, САД.

mujobucpapaj

Наградата „Струшко слово“ на добитниците ќе им биде врачена на манифестастацијата „Струшки кнжиевни средби“ што годинава ќе се одржи на 6, 7 и 8 јули, во Струга, Охрид и Вевчани. Досегашни добитници на меѓународната награда „Струшко слово“ се Валерио Орлиќ (Хрватска) Ѓорѓе Добре (Романија), Васил Тоциновски и Виолета Димова (Македонија). (Крај)

извор: Инпрес фото: архива