Missing image

Горан Чолакхоџиќ е добитникот на наградата „Мостови на Струга“

Скопје/Струга, 27. април 2017 (ИНПРЕС) – Наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитанска книга, која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО, годинава ја добива Горан Чолакхоџиќ.

Како што велат од манифестацијата, во изминатите години оваа награда се избори за високо место меѓу поетските награди на светско ниво и стана една од најпосакуваните награди на поетите – дебитанти, која широко им ги отвора понатамошните патишта на творечка афирмација. Тоа го покажа и годинашниот интерес за неа.

– Пристигнаа 20 книги од 16 земји. УО и дирекцијата на СВП констаираа дека пристигнатите книги се со исклучителен квалитет и дека конкуренцијата за наградата во 2017 година е на високо ниво. Од пристигнатите книги по своите поетски остварувања се издвоија книгите од следните автори: Рим Батал, поетеса од Мароко (Rim Battal – Vingt poèmes et des poussières), Хуан Арабиа, поет од Аргентина (Juan Arabia – El Enemigo de los Thirties) и Горан Чолакхоџиќ, поет од Хрватска (Goran Čolakhodžić – Na kraju taj vrt), велат од СВП.

Управниот одбор одлучи наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга која ја доделуваат СВП во соработка со УНЕСКО да му се додели на поетот Горан Чолакхоџиќ за автентичниот поетски ракопис „На крајот таа градина“. Поетската книга на Горан Чолакхоџиќ е дебитантско ремек дело кое содржи зрели песни кои навестуваат творечка појава која ќе биде неодминлива и во хрватската литература, но и во свтската поезија, објаснува Славе Ѓорѓо Димоски, Претседател на УО на СВП Струга.

Оваа награда ќе биде дополнителен поттик во нејзиниот творечки развој и придонес во распространување на поетските вредности на нејзиното творечко остварување за кое му е доделена.

Горан Чолакхоџиќ е роден во 1990 година во Загреб, а живее во Самобор. На Филозофскиот факултет во Загреб дипломирал и магистрирал на студиите за романски јазик и книжевност и на англиски јазик и книжевност. Досега превел четири книги од и на јазиците на кои специјализирал, самостојно или во соработка со други преведувачи. Во 2016 година е избран да учествува во проектот Версополис, како претставник на Хрватска. Неговите песни се преведени на англиски, романски, полски и холандски јазик.

Книгата „На крајот таа градина“ е објавена во 2015 година, како награден ракопис со престижната хрватска награда „Горан за млади поети“, во конкуренција од седумдесет и еден пристигнат.

Дел од поезијата на Чолакхоџиќ:

Со рацете гробје

Ти немој да ме сакаш.
Моите раце се летно гробје за комарци
Т. Аугустинчиќ

Лесно е да сакаш некого кога не знаеш
како ги минува последните пет минути пред спиење,
кога си уверен дека легнува ангелски и
дека неговиот невин сон веднаш му ги гасне сите нагони.
Треба, меѓутоа, да се опива со мешавини
од смеи и снебивања, од копнежи и гадења,
од секс и ранувања. Моите раце во октомвриските вечери
се гробје за комарци, оние живи дланки
со кои, како перуниките пролетта, ти го допирам лицето
и сите твои мекости и напнатости,
како што устата ги опфаќа рацете.
И ајде кажи сега како да ме сакаш
кога те милувам со гробје,
кога со двете полиња на губилиштето те водам низ љубовта
и го кријам тоа од тебе?
Се сомневам дека си мајстор за спојување,
затоа и те сакам со крвави дланки. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива