Srbija

Србија ги турна во тешка криза односите со Македонија

Берлин 18. август 2017 (ИНПРЕС) – Во екс-југословенското многунационално кралство секогаш се наоѓа некој заговор како причина за кавга, оценува денеска весникот „Ди Пресе“ во врска со повлекувањето на српските дипломати од Скопје.

Весникот „Ди Пресе“ во текстот со наслов„Србија ги повлекува дипломатите од Македонија“, пишува:

„Во екс-југословенското многунационално кралство секогаш се наоѓа некој заговор како причина за кавга. Српските тајни служби имале ‘докази’ за ‘многу офанзивни’ операции на тајните служби протов српски органи и институции во соседната земја, рече српскиот претседател Александар Вучиќ, образлагајќи го повлекувањето на персоналот од амбасадата во македонскиот главен град Скопје. Тој не сакаше да наведе ништо подетално: За ‘десет дена’ сѐ ‘ќе биде многу појасно’.

Факт е дека билатералните односи по промената на власта во Скопје во мај се постојано нарушени. Во борбата за власт меѓу македонскиот екс-премиер Никола Груевски и тогашниот шеф на опозицијата Зоран Заев, Србија пролетта застана на страната на шефот на национал-популистичката ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, кој е во визирот на правосудството.

За Белград беа непријатни снимките на кои беше прикажан српски дипломат во виорот на крвавиот напад врз парламентот од страна на приврзаниците на ВМРО, што се случи на крајот на април. Во заземањето на парламентот, инсценирано од страна на луѓе од тајните служби, беа повредени повеќе опозициски политичари, меѓу кои и актуелниот премиер Заев и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.

Но, на Србија, како што се чини, не само што не ѝ се допаѓа притискањето на новото раководство во Скопје за влез во НАТО, туку не ѝ се допаѓаат и добрите односи со Албанија и Косово, како и помирливиот курс на Скопје кон заедничкиот сосед Бугарија. Иако Скопје под раководство на Груевски ја призна од страна на Белград отфрланата независност на Косово уште во 2008 година, на Србија сега ѝ пречи македонската поддршка на барањето на Приштина за прием во УНЕСКО“, пишува денеска весникот „Ди Пресе“.

Австриски „Стандард“ ја пренесува веста на агенцијата АТА, во која е опишано повлекувањето на дипломатскиот персонал на Србија од Скопје и образложението на српскиот претседател Вучиќ за таквиот потег, притоа додавајќи дека дел од медиумите оценуваат дека Косово би можело да биде причината за итното повлекување. „Стандард“ наведува и дека „владата на Македонија ја повтори својата решеност за пријателски односи со соседните држави“.

Кусата вест на агенцијата ДПА за новиот проблем во односите на релација Белград-Скопје денеска се најде на страниците на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Во информацијата се вели:

„Со повлекувањето на сите свои дипломати од соседна Македонија, Србија ги турна во тешка криза инаку пријателските односи меѓу двете балкански држави. ‘Имаме доволно докази за офанзивна разузнавачка активност против институциите на Србија“, го образложи во понеделникот претседателот Александар Вучиќ невообичаениот чекор. Детали не наведе. Македонските медиуми шпекулираат дека изненадувачкото повлекување на сите дипломати на консултации во Белград е реакција на македонската поддршка за приклучување на Косово во организацијата за култура на ОН. Србија сака да блокира секакво членство на речиси само од Албанци населеното Косово во меѓународните организации.“ (Крај)

извор: Дојчевеле фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest