Vleznitsi-za-SP-2018

Три фази до билет за СП 2018: Русите воведуваат навивачка лична карта

Цирих, 13.септември 2017 (ИНПРЕС) – Навивачка лична карта за сите посетители на Светското фудбалско првенство во 2018 година. Службениот документ што ќе биде задолжителен за секој сопственик на мундијалски билет се воведува на барање на руските власти.

Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) апелира до навивачите да се пријават за бесплатната белешка, откако ќе добијат потврда по електронска пошта дека се добитници на влезница за меч на турнирот.

Со документот се предвидуваат и низа погодности за навивачите како влез во Русија без виза, бесплатни патувања меѓу градовите домаќини на натпреварите и бесплатен градски превоз на денот на одигрување на мечевите.

Интернет продажбата на влезниците за СП 2018 почнува во четврток на пладне по московско време, а постапката е поделена во три фази. Првата за поднесување на пријави за билет ќе трае од 14 септември до 12 октомври пришто се нагласува дека оние што ќе се пријават во првиот час во првиот дел нема да имаат предност во однос на оние кои ќе аплицираат во последниот час од последниот ден.

И ФИФА и Русија, како домаќин, потенцираат дека сите ќе влезат со подеднакви шанси во ждрепката. Рокот за известување дали барањето за влезница е успешно или не е до 16 ноември по што првата фаза продолжува до 28 во месецот пришто дури тогаш се предвидува предност за порано пријавените интересенти.

На 5 декември, четири дена по формирање на групите за СП 2018, е планиран стартот на втората фаза што ќе трае до 31 јануари наредната година. Во неа ќе бидат одредени купувачите на билети по пат на ждрепка по што и оваа фаза ќе влезе во завршен филтер од 13 март до 3 април. Предност и тука ќе имаат навивачите што се пријавени меѓу првите. Среќните добитници ќе добијат известување за трошоците од ФИФА во текот на април и мај.

Последната фаза е „last minute“ продажба што ќе биде отворена на 18 април и ќе трае до 15 јули за кога е закажано и големото финале. (Крај)

извор: НоваТв фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest