Idzekola

Иџе ќе се бори за шампионска титула на патеката Золдер во Белгија

Скопје, 14.септември 2017 (ИНПРЕС) – Викендов во Белгија, по пауза од неколку месеци, на патеката „Золдер“ од 15 до 17 септември, ќе се вози претпоследната трка во ФИА ЕТЦЦ за оваа година.

Игор Стефановски Иџе и неговиот сеат се во топ четворката од девет возачи. Тој е во игра за шампионската титула. Од лидерот Петр Фулин го делат 15 поени, а само два од второпласираниот Шрајбер.

Патеката „Золдер“, на која Иџе ќе ја вози петтата трка оваа година, има четири километри сив асфалт, десет свиоци и 50-годишна традиција. „Золдер“ е непозната патека за нашиот автомобилски ас, но тој истакнува дека целиот тим е комплетно фокусиран кон победа во Белгија.

„АКК Стефановски е подготвен и за овој предизвик. И покрај тоа што ова е патека која не сум ја возел досега, очекувањата се големи. Во екипата владее прекрасна атмосфера, а ние целиме кон победа“, истакнува Стефановски.

В петок на програмата е тренингот, ден подоцна се квалификациите, а в недела на програмата се двете трки. Првата трка се вози во 13:05 часот, а втората 60 минути подоцна.

До крајот на шампионатот, покрај претстојната трка во Белгија, останува само последната трка во Мост во Чешка, која ќе се вози од 6 до 8 октомври. (Крај)

извор: Плусинфо/Макфакс фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest