srcevmuskul-640x346

Бесплатни прегледи во Охрид по повод Светскиот ден на срцето

Охрид, 29. септември 2017 (ИНПРЕС) – Денеска се одбележува Светскиот ден на срцето, 29-ти септември, а по тој повод утре на Градскиот плоштад ќе се вршат бесплатни прегледи.

Под мотото „Сподели ја моќта на срцето“, доктори од Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на Кардиоваскуларни заболувања од Охрид, заедно со Црвениот крст, во периодот од 10 до 13 часот ќе вршат бесплатни прегледи за сите заинтересирани граѓани.

Охриѓани ќе може да добијат корисни совети од докторите, како и консултации во врска со срцевите болести, ризик факторите кои влијаат врз срцевите заболувања и препораки за здравата исхрана.

Стапката на смртност од кардиоваскуларните болести и последиците од нив зазема највисоко место. Во рамките на незаразните болести кардиоваскуларните болести заедно со малигните заболувања се причина за речиси три четвртини за смртноста во Европскиот регион.

Секоја година кардиоваскуларните болести се причина за 17,3 милиони случаи на прерана смрт, а до 2030 година, се очекува дека 23,6 милиони луѓе ќе умрат од овие заболувања. Проценките покажуваат дека најмалку 80% од сите срцеви болести,срцев удар и дијабетес тип 2 може да се спречат со редовна посета на избраниот лекар. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest