centarzanarkozavisnici-640x360

Охрид остана без Дневниот центар за лица кои употребуваат дрога

Охрид, 6. октомври 2017 (ИНПРЕС) – Реакции, потписи и петиција за дислокација, барање на соодветна локација… И додека трае сето ова, Дневниот центар за за лица кои употребуваат дрога, нивен третман и ресоцијализација повеќе го нема.

На почетокот на 2015 година при посетата на тогашниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов беше истакнато дека во соработка со општината се работи на изнаоѓање решение за дислокација на овој центар.

Според податоците до кои дојдовме, земјиштето на кое се наоѓал дневниот центар бил на приватен сопственик, на кој со денационализиција истото му е вратено. Од почетокот на оваа година, центарот, кој воедно беше регионален и за третман на лица кои употребуваат дрога од Струга и Кичево, повеќе не функционира.

Во склоп на Дневниот центар, кој беше под капата на Центарот за социјална работа, функционираше центарот за издавање не метадонска терапија, под надлежност на охридската Општа болница. Со овие новонастанати услови, метадонскиот центар од 6-ти март годинава е префрлен наспроти инфективното одделение.

Во разговор со еден од корисниците на услугите на метадонски центар, тој потенцира дека дневниот центар за наркозависници во Охрид, кој беше регионален, беше добро замислен.

metadon1– Се наоѓаше наспроти Центарот за социјална работа, но таа локација не му беше соодветна бидејќи во непосредна близина се наоѓа градинка. Овие две работи едноставно не одат заедно. Секој зависник нема иста свест. Со право луѓето кои живееа во непосредна близина во неколку наврати бараа да се дислоцира дневниот центар. Инаку таму покрај што ја земавме терапијата, имаше и центар за ресоцијализација, просторија со компјутери, како и посебен дел, работилница за резбање. Често пати тука се одржуваа семинари, стручни лица од невладината организација „Опција“ вршеа тестови за хепатит.

drogaspric– На Охрид му треба вистински дневен центар, затоа што и луѓе како нас треба да имаат опција, каде да поминуваат дел од времето и да се ресоцијализираат. Условите во кои сега работи метадонскиот центар се далеку од соодветни, но се надевам дека ќе се изнајде начин за обезбедување соодветни услови за третман на пациентите. Меѓу нас има пациенти од 17-18 па се до 40-50 години, истакна корисникот на услугите на метадонскиот центар.

Со суспендирањето на дневниот центар, остана да функционира само центарот за метадонска терапија, рече доктор Весна Лаброска, која веќе девет години работи и е посветена на оваа проблематика.

– Покрај мене, овде работаат и три сестри. Моментално имаме околу 150 пациенти, од кои 22-23 се од Кичево, близу 40 од Струга и останатите се од Охрид. Ова е регионален центар, ние го покриваме и Дебар, но оттаму во моментов немаме пациенти. Како дел од системот на јавното здравство лекувањето е бесплатно. Инаку, третираме опијатна зависност со медицина базирана на докази, така како што е секаде во светот, а покрај тоа секако работиме и по протоколот од Министерството за здравство на кој начин се издава терапија. Персоналот апсолутно е едуциран за оваа проблематика, потенцира Лаброска.

Според неа третманот на зависност не е проблем само на национално туку и на светско ниво.

– Сега повеќе и во светски рамки одат амфетамините, меѓутоа сеуште кај нас има класични хероински зависници кои доаѓаат. Ние овде имаме пациенти кои не само од отворањето на центарот се тука, туку и претходно во центарот во Кисела вода земале терапија, па дошле тука на локално ниво.Според мојата работа хероинот е сеуште присутен, иако на светско ниво се намалува неговата злоупотреба. Сум била на многу едукации за третман на зависност и во светски рамки третманот е ваков како кај нас, вели Лаброска.

Кога сме кај локацијата на метадонскиот центар и условите за работа, согласно затекнатата ситуација, од менаџментот на Општата болница ни рекоа дека тоа е еден од приоритетните работи кон кои ќе пристапат со решавање.

Несомнено на Охрид му е потребен дневен центар за лица кои се на лекување од употреба на дроги, на соодветна локација, каде и оваа категорија луѓе ќе имаат услови за примање терапија, ќе поминуваат дел од денот и ќе бидат под надзор на стручни лица кои ќе им помагаат во борбата со зависноста и да се ресоцијалицираат. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest