odzak-640x360

Маркоски: Граѓаните да ги проверат евентуалните оштетувања на оџаците предизвикани од земјотресите

Охрид, 10. октомври 2017 (ИНПРЕС) – За неколку дена поточно в недела и официјално започнува грејната сезона, па од охридската територијална противпожарна единица со апел до граѓаните да проверат дали има некави оштетувања на оџаците предизвикани од земјотресите.

Градов скоро месец и половина беше зафатен од серија земјотреси, од кои најсилниот што се случи на 3-ти јули предизвика и повеќе оштетувања, па затоа им препорачуваме на граѓаните да извршат проверка, потенцира заменик командирот на Територијалната противпожарна единица – Охрид, Горан Маркоски.

goran_markoski_640x360

– Сите оние граѓани кои своите домови ги загреваат на тврдо гориво, односно дрво, јаглен, а во поново време и пелети, да ги проверат оџаците, односно да извршат испитување дали некаде по вертикала има напукнување на истите како последица на земјотресите. Посебно внимание да се посвети на делот во потпокривот, каде што постои најголема опасност за настанување и проширување на пожарот. Оџакот е безбеден доколку нема пукнатини, од него не излегува чад, искра, ниту пламен во случај ако истиот биде запален, вели Маркоски.

Тој истакна дека е добро да се направи ваква контрола во насока на поголема безбедност.

Од охридската противпожарна единица апелираат до граѓаните да бидат одговорни, да не ја забораваат обврската за чистење на оџаци и во текот на грејната сезона најмалку еднаш да ги исчистат своите оџаци и грејни тела. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest