ugrenovik-640x360

По седми пат одложено судењето за убиството на Димитар Матилоски од Охрид

Охрид, 7. ноември 2017 (Inpress) – 30-годишниот Бојан Угреновиќ од Краљево, Република Србија повторно не се појави на закажаното судско рочиште за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски, по што судењето повторно се одложи.

Адвокатот Емил Балабан кој судот во Охрид го назначи по службена должност во телефонски разговор за МКД.мк изјави дека и денес судењето се одложило поради отсуство на Угреновиќ, а известувањето на судијката било дека до Основниот суд во Охрид немало стасано одговор од МВР за тоа дали Угреновиќ е најден и дали е достапен на полицијата. Од МВР се децидни, такво барање до нив не стасало.

– Во врска со вашето прашење за Угреновиќ, ве известуваме дека барање за постапување во овој случај, како и барање за распишуање на потерница од судот во Охрид до нас не доставено, велат од МВР.

На денешното рочиште беше присутна и мајката на Димитар, Драгица Матилоска.

– Ги прашувам судиите од Апелациониот суд во Битола – дали тие имаат деца и како би реагирале ако на нивните деца би им се случило вакво нешто? Јас целиот работен век, 36 години бев учителка и секогаш учениците ги учев дека правдата ќе победи. Се надевам дека и во мојот случај правдата ќе победи, дека судот ќе си најде свој механизми Угреновиќ да го стави зад решетки, рече Матилоска.

DragicaMatiloska

И по две години македонското судство не успеа да го реши овој случај. Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога 29-годишниот Бојан Угреновиќ од Краљево, на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. Со оглед на тоа што истече максималниот законски рок за притвор, Угреновиќ, со одлука на судот на 27-ми јули беше пуштен на слобода.

Кривичниот совет донесе решение за изрекување мерка на претпазливост за обвинетиот, забрана за напуштање на привременото престојувалиште, хотел „Амбасадор“ во Скопје, а во отсуство му беше одреден и нов притвор. Но, досега судот нема добиено известување од СВР Скопје дали Угреновиќ е пронајден.

Очекувано, според ваквата ситуација, обвинетиот не се појави во судот ни на минатото рочиште, што се одржа на 3-ти октомври. Откако и денес неговото столче во обвинителната клупа остана празно, судот треба да побара на Угреновиќ да му се суди во отсуство.

По откажувањето на полномошното за застапување на обвинетиот, наместо адвокатот Донче Наков, бранител на Угреновиќ во иднина ќе биде адвокатот Емил Балабан, кој го именува судот по службена должност. (Крај)

извор: Inpress фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest