ugrenovik-640x360

Утре ново рочиште во повторениот процес за убиството на Димитар Матилоски

Охрид, 27. ноември 2017 (Inpress) – За утре во охридскиот Основен суд е закажано ново, осмо рочиште во повторениот судски процес за убиствот на младиот Димитар Матилоски.

И минатиот пат во судот не се појави обвинетиот Бојан Угреновиќ од Краљево, Република Србија. Според известувањето на судијката, до Основниот суд во Охрид немало стасано одговор од МВР за тоа дали Угреновиќ е најден и дали е достапен на полицијата.

И по две години македонското судство не успеа да го реши овој случај. Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога Бојан Угреновиќ од Краљево, на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. Со оглед на тоа што истече максималниот законски рок за притвор, Угреновиќ, со одлука на судот на 27-ми јули беше пуштен на слобода.

Кривичниот совет донесе решение за изрекување мерка на претпазливост за обвинетиот, забрана за напуштање на привременото престојувалиште, хотел „Амбасадор“ во Скопје, а во отсуство му беше одреден и нов притвор. Но, досега судот нема добиено известување од СВР Скопје дали Угреновиќ е пронајден.

Иако беше најавено за минатото рочиште, доколку столчето на Угреновиќ во обвинителната клупа и утре остане празно, се очекува судот да побара да му се суди во отсуство. (Крај)

извор: Inpress фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest