„Фалангата“ ќе има конкуренција – Словенците веќе купиле 5.000 билети за ЕП

Скопје, 27. декември 2017 (ИНПРЕС) – Македонската „фаланга“ е хит на сите големи натпреварувања на кои верните навивачи ги бодрат нашите ракометари. Сепак, на претстојното ЕП во Хрватска македонските фанови ќе имаат сериозна конкуренција со оглед на навивачката инвазија што се најавува од Словенија.

Ракометната Федерација на Словенија денеска објави дека веќе се купени над 5.000 влезници од страна на словенечки ракометни фанови, бројка што се очекува уште повеќе да се зголеми во периодот што следи до почетокот на ЕП. Близината на Словенија до Загреб и Хрватска дефинитивно е значаен фактор, словенечките фанови речиси сигурно ќе бидат побројни од Македонците, но „фалангата“ се слушаше и во полната сала со полски фанови во Краков, арената во Хернинг на дуелот со Данска, како и на сите досегашни гостувања.

Над илјада Македонци ќе бидат присутни во „Арена“ за да им дадат поддршка на избраниците на Раул Гонзалес, а најинтересна навивачка битка се очекува да се води токму во првото коло, меѓу македонската „фаланга“ и словенечката навивачка армија на 13 јануари. (Крај)

извор: Екипа.мк фото: архива