junker

Јункер на 25-ти февруари доаѓа во Македонија

Скопје, 8. февруари 2018 (ИНПРЕС) – Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, на 25 февруари ќе ја посети Република Македонија како прва земја од неговата турнеја низ државите од Западен Балкан во насока на презентација на Стратегијата на ЕУ за регионот.

Ова денеска на прес-конференција го најави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на која беше презентирана и длабинска анализа на пораките и содржините во Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан објавена завчера во Стразбур.

– Ова е важен момент за презентација на Стратегијата, но и за охрабрување на владите да ги удвојат напорите за постигнување на новите скратени таргети, рече Османи.

Според него, Стратегијата ги исполнува сите очекувања на Македонија, бидејќи се валоризираат успесите на земјата во однос на реформите, најавува подготвеност да се даде чиста препорака од страна на ЕК за отворање на преговорите и овозможува да нема диференцирање на земјите по однос на можноста за членство, туку нивно оценување поединечно според постигнатите резултати.

Тој посочи дека Извештајот на Европската комисија за  напредокот на земјата ќе биде соопштен на 17 април и очекува чиста деветта по ред препорака за отпочнување преговори.

Во врска со содржината на Стратегијата, она што ја издвојува во однос на сите досегашни документи, е што таа определува обврски не само за земјите кандидати, туку и за ЕУ односно процесот на проширување го прави двонасочен.

Во анексот на Стратегијата, според Османи, содржана е и листа на задачи за ЕУ преку кои таа треба да ги подготви земјите за членство. (Крај)

извор: Алсат-М фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest