zimskosmetanje

Ако се укине зимското и летното сметање на времето, Македонија ќе ја следи ЕУ

Скопје, 13. февруари 2018 (ИНПРЕС) – Земјите од ЕУ се најголемиот трговски партнер на Македонија, па логично е доколку Европската комисија одлучи да го укине летното и зимското сметање на времето, нашата земја да се прилагоди на овие промени.

Македонската бизнис заедница будно ги следи овие случувања бидејќи може да дојде до сериозни пореметувања во соработката, па затоа потсетуваат дека нашата економија е директно поврзана со земјите од ЕУ и токму затоа треба да се усогласиме со нивните одлуки.

Како што објасни Билјана Пеева-Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија логично ЕУ е нашиот најголем надворешно-трговски партнер и над 80 проценти од нашиот извоз е насочен на европскиот пазар.

– За да не постојат разлики во соработката со компаниите од тие пазари сметаме дека ваквото решение би било логично да се примени и кај нас – смета Пеева-Ѓуриќ и дополни дека ова законско решение се применува кај нас од 1996 година за да се овозможат поголеми заштеди на електрична енергија и повеќе користење на дневната светлина, што е особено потребно за земјоделскиот сектор и за транспортот.

Според неа, неопходна е детална анализа да се види какви ефекти оваа промена на времето ќе има врз македонското стопанство.

Во меѓувреме, крајната одлука за укинување на зимското и летното сметање на времето треба да ја донесе Европската комисија, на предлог на Европскиот парламент. По повеќе од 45 години од воведувањето на летното и зимското сметање на времето пратениците во Европскиот парламент деновиве изгласаа укинување на летното сметање на времето. Против укинување гласаа 154 европски пратеници, но мнозинството од нив односно 384 лица гласаа “за”. Но, нивната одлука не може да стапи во сила без согласност од Европската комисија, која ќе треба да го даде последниот збор. Промената на времето се применува во 60 земји низ светот.

Европа воведе промени во часовникот во 1970-тите за да заштеди енергија, а денеска мнозинството од европратениците, сметаат дека предностите на движењето на стрелките се незначителни.

Летното и зимското сметање веќе е укинато во Русија, Турција, Белорусија и во Исланд. (Крај)

извор: Локално фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest