Општина Охрид: Поскаувањето на водата е побарано во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт во Охрид

Охрид, 13. февруари 2018 (ИНПРЕС) – Постапката за повисоката цена за вода е почната и речиси завршена во време кога на власт во Охрид беше ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од Општина Охрид на изнесеното на вчерашниот прес на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Токму поради тој факт, наместо со невистини да им се додворувате на граѓаните, соберете храброст да ја признаете вината и да  кажете дека претходното раководство на РЕ „Водовод“ под менторство на челниците на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, процедурата за поскапување на водата ја започнало на почетокот на 2016 година, а Регулаторната комисија донела решение кое сега мора да го применува новото раководство. Имено, согласно Законот за утврдување на цени на водни услуги од  18.01.2016 година е започната целата процедура која денес налага зголемување на цената за вода. На 16.09.2016 година од Регулаторната Комисија за енергетика до РЕ Водовод – Охрид е доставено писмо за достава на завршна сметка на кое писмо три дена подоцна одговорил тогашниот директор на претпријатието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Томе Паскаловски. По негова наредба на 23.03.2017 година е издадена наредба за формирање Работна група за подготовка на  тарифи  за вода. На седница  на Регулаторната Комисија за енергетика одржана на 25.05.2017 година е подготвена дефинитивната верзија за методологијата за определување на тарифи за вода. Во месец септември  2017 година кога со претпријатието се` уште директорувал Паскалоски од ВМРО-ДПМНЕ, до Регулаторната комисија за енергетика доставен е сработен бизнис план за 2018 година и тарифи за вода. Актуелниот в.д директор, Владимир Алексијоски ја презема функцијата на 15.11.2017 година и веднаш потоа испраќа до Регулаторната комисија за енергетика Приговор за тарифите за вода кој не е прифатен. На 24.11.2017 година е донесено решение за утврдување на тарифа за снабдување со вода за пиење или водоснабдување на МЈП „Проаква“ – Струга, РЕ „Водовод“ – Охрид за регулиран период 2018-2020 година и истото е објавено во Службен весник на Република Македонија на 29.11.2017 година. Управниот одбор на МЈП „Проаква“, поради почитување на решението на Регулаторната комисија на 22.12.2017 година донесува одлука за утврдување на тарифа за вода, а една недела подоцна таа е ставена на гласање пред советниците на Општина Охрид. Давателот на водната услуга е должен, без одлагање  и не подоцна од 15 дена од денот на објавување на решението  за утврдување на тарифа за водна услуга кое го донесува Регулаторната комисија за енергетика, да го достави до органот на управување на давателот на водната услуга заради донесување одлука за утврдување на тарифи за вода, стои во реакцијата.

Од Општина Охрид додаваат дека доколку не е дадена согласност на одлуката за утврдување на тарифа за водна услуга во рок од 150 дена од денот на објавување на Решението за утврдување на тарифата за водна услуга во „Службен весник“ на Република Македонија,Регулаторната комисија за енергетика сама ќе донесе решение за започнување постапка за донесување Регулаторна тарифа  за водна услуга. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: архива