Осум години OhridPress

Охрид, 17. февруари 2018 (ИНПРЕС) – Денес се навршуваат полни осум години, откако по неколку месеци пробен период, порталот OhridPress и официјално започна со работа.

Имавме неколку редизајни во техничкиот дел, но секогаш се држевме до нашиот слоган „Брзо, точно, проверено – Се` за Охрид“.

Полни 2.920 дена информираме, коментираме, забавуваме. Ви ги носевме најновите вести и од светот, спортот, забавата, им дававме можност да се искажат во колумни на луѓе на кои во тоа време не им даваа буква да напишат во „046 за Охрид се зборува“, конструктивно ги критикувавме првите, но кога беа најсилни, никогаш кога беа „мртви Германци“, интервјуиравме интересни луѓе – музичари, спортисти, млади кои се истакнале во било која област, ги баравме талентите во OhridSUPERSTAR, ѕирнувавме во ноќниот живот во Охрид, доделивме многу награди, поделивме многу насмевки, Ви го презентиравме проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ кој постави нови стандарди во забавата, но и во PR-от на овие простори и многу пошироко, го сликавме нашиот „Охрид во 10“ од една точка цела година со целата негова убавина и големина, Ве забавувавме со „вестите“ на охридската „легенда“ Керим, помогнавме да се соберат средства секаде каде тоа беше потребно за некои мали ангели и многу други акции, иницијативи…

Секогаш свои, секогаш Ваши, никогаш нивни…

Има уште многу вакви акции ако се навраќаме наназад, но она што е поважно е она што е пред нас.

Чекориме заедно понатаму. Наскоро очекувајте комплетно нов OhridPress, комплетно прилагоден на новото време, новите можности, технологии и побарувања на модерниот читател.

Продолжуваме „Брзо, точно, проверено, Се` за Охрид“.

Ваш OhridPress…