Три пожари во Охрид во нецели 20 дена, причина најчесто е човечкиот фактор

Охрид, 20. февруари 2018 (ИНПРЕС) – Трите поголеми пожари што се случија во Охрид, од кои, за жал два завршија со човечки жртви, го наметнаа прашањето за причините за нивното предизвикување и колку граѓаните може превентивно да делуваат за да се намалат смртните случаи.

Анализите на противпожарните служби покажуваат дека во 98 проценти од случаите, човечкиот фактор е причинител за пожарите, без разлика дали се работи за негово невнимание, немање култура на однесување или за несоодветно користење и одржување на електричните апарати и грејни тела. Како друга причина се наведуваат и неисчистените оџаци, кои исто така многу често доведуваат до несакани нивни затнување и предизвикување на пожар.

Пожарникарските служби во земјава се соочуваат со недостиг од обучен кадар, а потешкотија претставува и застареноста на возниот парк. За разлика од соседните држави како Србија, Бугарија, Црна Гора, Хрватска и Словенија кои во целост го променија возниот парк, во Македонија противпожарикарските возила се стари околу 20 години.

Едукацијата на населението и менувањето на пристапот на граѓаните кон одржување на опремата во хидрантите е една од превентивните мерки за да се намали бројот на пожари. Се препорачува граѓаните да го осигураат и својот имот во случај на пожар, поплава или земјотрес. Но, пожарникарите сметаат дека треба да се размислува и за реформи во системот за заштита и спасување.

Во Охрид изминатиов период се случија три вакви пожари во кои настрадаа две постари лица. Во првиот случај, во својот стан на Бул. „Туристичка“ изгоре старица, по што следуваше пожар во кој беа зафатени две куќи во Месокастро, а во третиот, пред само неколку дена, во куќа во селото Песочан настрада 81-годишен старец. (Крај)

извор: ИнПрес/МИА фото: архива