socijalnapomossalter

Се укинува здравствената партиципација за деца од семејства – корисници на социјална помош

Скопје, 28. март 2018 (ИНПРЕС) – Владата на вчерашната седница донесе програма со која се ослободуваат од плаќање на здравствената партиципација децата, чии родители се корисници на правото на социјална парична помош. Со мерката ќе бидат опфатени 24.267 лица и за таа цел од буџетот се издвојуваат речиси 20 милиони денари.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за здравство, Венко Филипче и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски денеска беа во посета на Здружението на просветни работници и заштита на правата на жените и децата – Лил, организација која ја покрена иницијативата за ослободување од плаќање на здравствена партиципација за децата од семејства во социјален ризик. Министрите се сретнаа и со корисници на социјална помош кои директно се соочуваат со големи проблеми при обезбедувањето здравствени услуги за нивните деца поради неможноста да платат партиципација, што негативно се одразува на нивниот раст и развој.

Министерот Филипче изјави дека ваквата одлуката да се ослободат од плаќање на партиципација лицата до 18 годишна возраст, чии родители примаат социјална парична помош, не само што ќе го олесни пристапот до здравствена заштита за една ранлива категорија граѓани, туку и ќе овозможи заштита на овие лица од дополнителни финансиски трошоци при користење на здравствените услуги.

Царовска посочи дека „За нас како Влада, секое дете е важно и секое дете има право да се развива и да расте во здрави и соодветни  услови. Знаеме дека социјалната заштита е се уште на едно ранливо ниво, затоа што наследивме руиниран систем. Но, со овој чекор се отстранува еден од социјалните ризици, а тоа е добивање бесплатна здравствена заштита“.

Според неа, со намалувањето на трошоците се зголемува и квалитетот, односно остануваат повеќе средства за живеење за овие семејства.

– Продолжуваме и понатаму да го реформираме и социјалниот и здравствениот систем и како влада сме посветени на децата и граѓаните кои се во ризична група, најсиромашни и најранливи, додаде Царовска.

– Се надевам дека со оваа мерка на младите ќе им обезбедиме квалитет во здравјето и дека нивните родители понатаму нема да се колебаат дали да ги однесат на лекар, дали имаат средства за да ја платат партиципацијата, туку ќе добијат континуирана грижа за нивното здравје, изјави Сарита Јашарова од здружението Лил.

Градоначалникот Наумовски ја поздрави оваа социјално-здравствена мерка, која засега многу граѓани, а беше иницирана од организација која делува во општината Ѓорче Петров. (Крај)

извор: Влада.мк фото: Влада.мк

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest