sobranienamakedonija

Собранието не изгласа недоверба на Владата

Скопје, 12. април 2018 (ИНПРЕС) – Со 40 гласа „за“, 2 „воздржани“ и 62 „против“, Владата на премиерот Зоран Заев го мина првиот посериозен тест на домашната политичка сцена, откако доцна синоќа не помина гласањето за доверба на владата.

Барањето за гласање на доверба на Владата беше поднесено во неделата со потписи на 41 пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во образложението, на неколку страни, беа наведени обвинувања за криминал и корупција, партизирана државна администрација и судство, отпуштања, неуспешна економска политика и нетранспарентност во процесот на преговорите околу спорот со името.

Според законските прописи, премиерот Заев сега го очекуваат мирни 100 дена бидејќи во овој период не смее да се поднесе ново барање за гласање на доверба а откако ќе истече тој рок можност за тоа ќе имаат само пратениците од владеачкото мнозинство со оглед на тоа дека опозицијата ја искористи својата шанса.

Вечерашното гласање за доверба на Владата беше четврто во историјата на независна Македонија. Во август 1992 година со 93 гласа за безе изгласана недоверба на Владата на премиерот Никола Кљусев, т.н. „експертска влада“. На следното гласање се чекаше 15 години. Во јуни 2007 година, на барање на тогашната опозициска СДСМ, во Собранието се гласаше за доверба на Владата на премиерот Никола Груевски, но предлогот не го доби потребното мнозинство. Во октомври 2012 година имаше уште едно гласање. И овој пат подносител беше СДСМ, а премиер Никола Груевски. Собраниското мнозиство сочинето од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со 68 гласа против повторно го спасија мандатот на Груевски. (Крај)

извор: МИА фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest