Охрид SOS: И покрај пријавата, продолжуваат градежните работи на езерското крајбрежје од Струга до Калишта

Струга, 16. април 2018 (ИНПРЕС) – И покрај тоа што пред неколку дена граѓанската иницијатива Тампон В’але Струга достави пријава до повеќе институции за узурпацијата и уништување на езерското крајбрежје на делот од Струга до село Калишта, градежните работи и бетонирање на брегот продолжуваат и понатаму, реагираат од граѓанската иницијатива Охрид SOS.

– Градежните работи се одвиваат непречено иако локациите се наоѓаат на помалку од 50 метри од линија на највисокиот водостој. Брегот на Охридското езеро не може да се приватизира, нити узурпира, но некој по секоја цена е тргнат да го стори тоа, велат од Охрид SOS.

bespravnagradbastruga2

bespravnagradbastruga3

Оттаму реагират на молкот на надлежните институции, почнувајќи од општина Струга, Министерствата за животна средина и просторно планирање и транспорт и врски, на Државниот инспекторат за животна средина, но и на пратениците во Собранието од Струга.

– Ги повикуваме да се јават, односно реагираат и Маја Морачанин и Томислав Тунтев, кои се дел од неформалната група „Пратеници-пријатели на единственото УНЕСКО подрачје во Македонија – Охридскиот регион“. Го повикуваме да дојде во Струга и премиерот Зоран Заев, истакнаа од Охрид SOS.

bespravnagradbastruga

Додаваат дека ова се погубни „проекти“, по специфичната флора и фауна на Охридското езеро, а ако се има волја и решителност, ситуацијата може да се реши за неколку часа.

извор: ИнПрес фото: Охрид SOS