Пиперкоски: Охрид мора да живее 365 дена, ова лето ќе биде центар на забавата во Македонија

Охрид, 25. април 2018 (ИНПРЕС) – Со богата програма и звучни имиња летната сезона ќе биде отворена преку манифестацијата „Бела ноќ“. Пред тоа градот го очекува „генералка“, со посебен фокус на чистење на плажите на потегот на целото крајбрежје и централниот дел од градот.

– Сите настани кои се одржуваат во годината ги сублимираме во рамките на „Сите во Охрид“, манифестација која ја почнавме со проектот „Од 20-ти до 20-ти сите во Охрид“, а идејата ни е манифестацијата да биде традиционална и Охрид цело лето да биде центар на забавата во државата, вели за емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио Илија Пиперкоски, шеф на кабинетот на градоначалникот Јован Стојаноски.

Супер радио: Навлеговме во период од годината во кој општина Охрид треба да го презентира планот за организација и поддршка на што повеќе интересни настани кои би привлекле максимално голем број гости. Пред почетокот на новата туристичка сезона, какви се плановите во овој поглед?

Пиперкоски: Кога зборуваме за организација на културни, забавни и музички настани нашата идеја е да ја опфатиме цела година, а не само летниот период и оние „шпиц“ денови околу празникот Илинден. Значајно ни е Охрид да живее 365 дена. Букирањето на музичките ѕвезди е процес кој се прави многу пред почетокот на самата сезона и можам да кажам дека веќе сме во преговори  со многу продуцентски компании, не само македонски туку и надвор од Република Македонија и гледаме преку вакви настани да ја продолжиме туристичката сезона, пред се летната. Ние сите тие активности ги правиме на манифестацијата „Сите во Охрид“, манифестација која сакаме да стане препознатлива за нашиот град и во рамки на која почнаа да се прават интересни и атрактивни настани, а планот ни е тоа така да остане и во иднина. Сите настани кои се одржуваат во годината ги сублимираме во рамките на „Сите во Охрид“, манифестација која ја почнавме со проектот „Од 20-ти до 20-ти сите во Охрид“, а идејата ни е манифестацијата да биде традиционална и Охрид цело лето да биде центар на забавата во државата.

piperkoskikorner2Супер радио: Најавивте дека официјалното отворање на летната сезона 2018-та ќе биде со „Бела ноќ“. Може ли да ни откриете кои изведувачи ќе бидат дел од неа, на кои сцени ќе се одвиваат настаните и кога тоа ќе се случи?

Пиперкоски: Бидејќи се` уште ги водиме преговорите за артистите кои ќе бидат дел од манифестацијата „Бела ноќ 2018“ во ојој момент не можам ништо конкретно да откријам. Како период во кој ќе се случи „Белата ноќ“ се разгледува вториот викенд од месец јули. Планираме одличен настан и набрзо, кога ќе ги официјализираме сите планови и ќе стартува и промоција на самата манифестација. Но, пред тоа сакаме во градот да направиме една „генералка“, со посебен фокус на чистење на плажите на потегот на целото крајбрежје и централниот дел од градот.

Супер радио: Летната сезона не ја чини само официјалното отворање со манифестацијата „Бела ноќ“. Што потоа, како општина Охрид размислува во поглед на тоа годинава да имаме што поквалитетна и побогата туристичка сезона?

Пиперкоски: Во поглед на настаните од културен и забавен карактер веќе имаме отпочнато преговори со многу продуцентски куќи кои сакаат да организираат атрактивни концерти ова лето во Охрид. Можам да откријам дека покрај настаните на „Авалон продукција“ во рамките на „Ohrid Caling“кој ова лето ќе бидат во склоп на нашата манифестација „Сите во Охрид“, во Охрид ќе имаат концерти и најголемите балкански ѕвезди, но сепак оставам простор самите продуцентски куќи официјално да ги најават артистите кои ова лето ќе настапат во Охрид, кој ова лето, во вистинска смила на зборот ќе биде центар на забавата во Македонија, бидејќи размислувавме на тоа програмата на концептот „Сите во Охрид“ да ги земе во предвид сите вкусови, да има различни концерти и исто така многу значајно прашање е тие да не бидат сконцентрирани само околу празникот Илинден. Ohrid Caling оваа годна е поддржан од општина Охрид и од Министерството за култура, а во Охрид ќе ги видиме Dimitri Vegas & Like Mike на први август, на втори август Jax Jones, на четврти август Armin Van Buuren, a на трети авуст Владо Јаневски ќе прави јубилеен концерт со кој одбележува 25 години на сцената. Со Авалон продукција имаме договорено соработка уште за еден настан кој со официјална прес конференција ќе го објави самата продукција.

Супер радио: Супер радио и OhridPress по Велигден направија анкета во поглед на тоа кои се очекувањата на охриѓани од новата туристичка сезона. Анкетираните беа речиси едногласни во поглед на три теми, а тоа е проблемот со гласната музика, кој велат дека ги остава без сон, потоа изјавија дека проблем е панаѓурскиот лик на градот, односно поставеноста на тезги на несоодветни места и како проблем го истакнаа паркирањето во централното градско подрачје. Работите ли на овие топ три проблематични теми за охриѓани?

Пиперкоски: Ова се горливи прашања, не само на охриѓани, туку на сите кои доаѓаат во Охрид и бидејќи наша основна задача е да бидеме сервис на граѓаните веќе работиме на сите забелешки и постепено ги решаваме за да го подобриме имиџот на градот. Охрид не смее да има панаѓурски лик и веќе сме влезени во процесот на поставување на ред со поставување на урбаната опрема. Во поглед на гласната музика и тука ќе има ред, ќе се почитува максимално работното време на локалите и во поглед на тоа кој има лиценца и дозвола за организирање на настани. Се работи и на решавање на проблемот со ставање ред во поглед на паркинг местата во централното градско подрачје, а се работи и на идејата Охрид да добие неколку катни гаражи кои значително и трајно би го решиле проблемот на тема паркинг во централното градско подрачје. Треба да се има разбирање дека ништо не може да се направи преку ноќ, дека е потребно време за да се решат овие проблеми. Сите овие прашања веќе се „ставени“ на маса во кабинетот на градоначалникот и тековно се работи на нив.

bistrocorner1Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес