litijastruga11-640x360

Ѓурѓовденска литија по деветти пат во Струга

Струга, 7. мај 2018 (ИНПРЕС) – По деветти пат денеска низ струшките улици ќе се одржи најмасовната литија за празникот Ѓурѓовден.

Илјадници граѓани повторно ќе бидат дел и ќе ги дочекаат светите мошти на Св. Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона.

Од годинава торжествената струшка литија (Еордија) ќе биде збогатена и со чудотворната Пречистанската (Крнинска) икона на Мајката Божја од манастирот „Богородица Пречиста“, Кичево.

Традиционално и овој пат, во храмот на Св. Георгиј Победоносец во Струга, со почеток во 16:00 часот ќе биде отслужена  ктиторската вечерна богослужба, после што ќе следи молитвената литија, која веќе прерасна во големо сенародно собитие.

Litija-struga

На чело на самата Литија ќе биде член од Бигорското братство. Од годинава има и неколку новини. Моштите на Светиот Победоносец Георгиј ќе бидат носени од двајца видни струшки граѓани и уште двајца од други места, овој пат еден битолчанец и еден охриѓанец.

По завршување на литијата, во дворот на црквата „Св. Вмч. Георгиј“, со своја културно-уметничка програма ќе настапи Ансамблот „Македонија“.

Литијата е многу стара духовна традиција што ја практикуваат православните христијани во Струга. Со неа се слави светецот, но се осветува и целата природа во градот и околината.

– Имаме потврда дека литијата постои стотици години наназад, поточно околу петстотини години. Во ваква организација, со носењето на моштите на Свети Георгиј од Бигорскиот манастир се изведува веќе неколку години наназад. Со чудотворната икона, литијата се одржувала долги години, особено по осветувањето на црквата „Свети Георгиј“ во Струга во 1835 година, еден ден по празникот, односно на 7-ми мај, велат од црквата „Свети Георгиј“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest