ugrenovik-640x360

Продолжи доказната постапка во повторениот процес за убиството на Матилоски, на следното рочиште ќе бидат изнесени завршните зборови

Охрид, 10. мај 2018 (ИНПРЕС) – Со распит на уште еден сведок, македонски државјанин, во охридскиот Основен суд продолжи главната расправа во повторениот судски процес за убиството на младиот охриѓанец Димитар Матилоски.

И покрај напорите направени од судот и на денешната расправа не се појавија српските државјани предложени како сведоци од Основното јавно обвинителство. Со оглед на тоа што дале изјава дека немаат намера да дојдат на распит во судот и воопшто во земјава, а согласно законската регулатива и меѓународните прописи не може да се примени присилно доведување, јавниот обвинител предложи доказната постапка да продолжи со читање на нивните претходно дадени изјави од 1-ви јануари 2016 година.

Со оглед на тоа што му се суди во отсуство, обвинителот побара и читање на двете изјави на обвинетиот српски државјанин Бојан Угреновиќ, дадени во предистражна и истражна постапка, но ваквиот предлог беше одбиен од судскиот совет со образложение дека не е предложен распит.

На следното рочиште што судијката го закажа за почетокот на идниот месец, се очекува да бидат изнесени завршните зборови.

Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога Бојан Угреновиќ од Краљево, Србија на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest