salaetin-bilal-640x360

По долго боледување, почина актерот Салаетин Билал

Скопје, 11. мај 2018 (ИНПРЕС) – По долго боледување, на 76-годишна возраст, на 10 мај почина познатиот македонски актер Салаетин Билал, доајен на НУ Турски театар.

Билал од 1964 година работел во Турската драма при Театарот на народностите – сегашниот НУ Турски театар Скопје, каде со голема посветеност одиграл голем број улоги сè до пензионирањето во 2007 година, иако и потоа бил ангажиран во проектите во продукција на Турскиот театар.

Паралелно играл и во претстави на Албанскиот театар, во некогашниот театар „Пралипе“, во независни проекти, во Македонскиот народен театар и во Драмскиот театар. Во неговото актерско портфолио се запишани седумдесет театарски ролји на македонските професионални сцени, како и четириесет телевизиски и филмски улоги кои ја одбележуваат неговата респектабилна кариера.

Посветен на театарот како личен предизвик, Билал имал и режисерски обиди, односно потпишан е како ражисер на четири претстави, а водено преведувал драмски текстови и бил директор во еден период.

Во неговата биографија се запишани филмовите „Најдолгиот пат“ (1976), „Време води“ (1980), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Зад непријателските линии“, „Прашина“ (2001), преку „Илузија“ (2004), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010), па се до последните филмови на македонската филмска продукција „Трето полувреме“ (2012), „Балканот не е мртов“ (2013), „Херој“ (2013) и „До балчак“ (2014).

Салаетин Билал во текот на својата кариера ги добил следниве награди: наградата на списанието „Екран“ за најдобар актер во 1976 − за ликот на Ахмет Нурудин во „Дервишот и смртта“; „13 Ноември“ за Хаџи Трајко во „Коштана“ (1977); „11 Октомври“ за А. Б. во „Дамокловиот меч“ (1983); две награди „Војдан Чернодрински“ за Ахмед Нурудин (1976) и за Аздах во „Кавкаски круг со креда“ (1990); награда за епизода „Димче Трајковски“ за улогата на Нуман во претставата „Стари фотографии“ (Прилеп, 1993), како и награда за животно дело (2014).

Погребот ќе биде денеска во 13:30 часот на градските гробишта Бутел по петочната молитва во џамијата Бутел. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest